ЗАЕВ ГИ ОБРАЗЛОЖИ УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ, ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ГЛАСААТ УТРЕ

    ЗАЕВ ГИ ОБРАЗЛОЖИ УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ, ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ГЛАСААТ УТРЕПред Собранието од 12 до 18 часот траеше протестот против уставните измени на „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, на кој МВР приведе двајца демонстранти оти се обиделе да ја пробијат оградата. Протестот продолжува и утре од 12 часот (Фото: К. Попов)

    Собраниската седница на која треба да се донесат уставните амандмани за имплементација на Договорот од Преспа со Грција продолжува утре во 13 часот. Претседателот на Собранието Талат Џафери, откако премиерот Зоран Заев ги образложи уставните амандмани, продолжението на седницата го закажа за утре за да може пратениците да го добијат и да се запознаат со експозето на премиерот.

    Заев во образложението го повтори ставот дека со нив „се загарантирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик, Македонец, и дека Грција еднаш за секогаш го признава нашето право на самоопределување“.

    „Вашиот глас ‘за’ е за полноправно членство во НАТО и во ЕУ, а секој глас ‘против’ е за изолација, неизвесност“, рече Заев. „Светот гледа и очекува државничка одговорност на страна од партиската припадност. Имавме инклузивен процес во сите фази на уставните амандмани. Да се заблагодарам на СДСМ и коалицијата, ДУИ, ДПА, Беса и осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Заев и рече дека тие се конструктивна опозиција за разлика од остатокот, а посебно му се заблагодари на Панчо Минов за придонес во предлозите вградени во амандманите, како и на Беса на тетовското крило на Билал Касами и на Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

    Пратеникот Амди Бајрам кој денеска беше на претходната седница, не присуствуваше на седницата за уставните амандмани. Пратенци за САКАМДАКАЖАМ.МК рекоа дека на паузата тој отишол дома во скопската населба Шутооризари и дека поради снегот не можел да се врати (Фото: К. Попов)

    Утре останува пратениците да го утврдат предлогот на амандманите кој се донесува со 61 глас, потоа донесување на амандманите, па прогласување на амандманите за кое е потребно 80 пратеници и дополнетиот прелог на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани, за што исто треба двотретинско мнозинство гласови.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и двајацата пратеници од Беса на Касами не присуствуваа на седницата. Пратеникот Амди Бајрам кој денеска беше на претходната седница, не присуствуваше на седницата за уставните амандмани. Пратенци за САКАМДАКАЖАМ.МК рекоа дека на паузата тој отишол дома во скопската населба Шутооризари и дека поради снегот не можел да се врати. Исто така не присуствуваше и Лилјана Поповска од ДОМ, која била болна.

    На седницата беше верификуван мандатот на новиот пратеник Рубин Земон од партијата ПОЕН, коалициски партнер на СДСМ, кој дојде на местото на Томислав Тунтев кој стана нов директо на Агенцијата за цивилна воздухопловна пловидба.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред седницата, зборувајќи пред Собранието, кажа дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на финалната собраниска расправа за уставните измени за да не му дадат легитимитет на целиот процес на менување на Уставот. Потоа тој и дел од сопартијците се придружи на протетсот на „Тврдокорните“ и „Македонија блокира“, но одби да говори иако беше повикан од организаторите да зборува на бината.

    Пред Собранието од 12 до 18 часот траеше протестот против уставните измени на „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, на кој МВР приведе двајца демонстранти оти се обиделе да ја пробијат оградата. Протестот продолжува и утре од 12 часот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира