Премиерот Зоран Заев не е споменат во исказот на Орце Камчев дека е вмешан во случајот „Рекет“, рече шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, објаснувајќи дека неговото име е споменато само во делот од исказот во кој сведокот Орце Камчев кажува дека кај премиерот пријавил рекетирање.
„Информациите изнесени во одредени медиуми се апсолутно неточни. Заев не е споменат во исказот на Камчев, освен во делот дека кај него прво го пријавил рекетот. Ниту било кој друг политичар не е спомнат во исказот кој го даде во Обвинителството“, рече Рускоска, одговарајќи на новинарско прашање за истечениот записник, по образложувањето на причините зошто е осомничена специјалната јавна обвинителка Јанева во предметот „Рекет“ пред Советот на јавни обвинители.
Рускоска кажа дека пред Советот ги презентирала сите докази и искази на сведоци кои досега ги има Обвинителството за случајот „Рекет“ каде осомничени и во притвор се Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева.
На седницата на Советот за јавни обвинители се расправа за разрешување на Катица Јанева од функцијата шефица на СЈО.