ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ СЕ УСВОЈУВА ВО СОБРАНИЕТО НАЈРАНО ВО СЕПТЕМВРИ, РЕЧЕ ЏАФЕРИ

    ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ СЕ УСВОЈУВА ВО СОБРАНИЕТО НАЈРАНО ВО СЕПТЕМВРИ, РЕЧЕ ЏАФЕРИСпикерот Талат Џафери кажа дека ако овие денови стигне Законот за јавно обвинителство во Собранието, од процедурален аспект прво читање може да заврши до крајот на месецот, а второто до крајот на август; - Од денешниот брифинг со новинарите. (Фото: К. Попов)

    Законот за јавно обвинителство со кој треба СЈО да стане дел од Јавното обвинителство за организиран криминал, уште не е поднесен во Собранието, рече претседателот Талат Џафери. Тој кажа дека ако овие денови стигне законот во Собранието, од процедурален аспект прво читање може да заврши до крајот на месецот, а второто до крајот на следниот месец.

    „Кога ќе биде доставен во Собрание не можам да зборувам. Не е мое да обезбедам мнозинство. Не одам по ничија најава или гаранција, туку по роковите што ги налага процедурата“, рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

    Тој кажа дека иако Собранието од следниот месец оди на одмор, сепак од 26 август комисиите почнуваат со работа и може да помине во второ читање.

    „Ако се усогласени може да закажам седница, но не може да се збори за нешто што е во драфт или во нечија глава, а не е доставено до Собранието“, рече Џафери.

    Тој кажа дека на средбата со новата амбасадорка на САД Кејт Мари Брнс разговарале општо околу проектите кои може да ги реализираат и околу принципот на владеење на правото.

    На новинарско прашање дали по завршување на одморите Собранието ќе работи со забрзано, со оглед на најавите од Владата дека многу закони треба да се донесат и дека од октомври се очекува датум за почеток на преговори со ЕУ, Џафери рече:

    „Не работам по најави. За мене најави не значат ништо. Собранието не е слуга и не работи по диктат“.

    На прашањето ако има потреба од свикување итна седница за одземање имунитет на пратеници, со оглед на информациите дека и пратеници се замешани во случајот „Рекет“, Џафери рече дека не работи по шпекулации и дека ако има таква процедура каде ќе се бара итност, има постапка Собранието  да се собере и покрај тоа што е на одмор.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари