Засилени полициски патроли ќе има секоја вечер низ скопско Дебар Маало, познато како центар на ноќниот живот во главниот град, откако се регистрирани низа инциденти меѓу малолетници. Ова е најавено откако родителите на ученици од основното училиште „Коле Неделковски“ почнаа да собираат петиција за поголема заштита на децата, бидејќи се случуваат тепачки и ограбување на улица. Родителите се сомневаат дека организирано се носат малолетници од други места да дилаат дрога низ Дебар Маало и во Градскиот парк, каде што навечер се собираат многу млади.
Само последниве три дена се случија два посериозни инциденти. Прво дете беше претепано и ограбено на улица, а потоа пијан педофил соблекол трииполгодишно дете.
Родителите велат дека веќе две години организирано со неколку коли и мотори се носат малолетници во Дебар Маало со задача да дилаат дрога и да врбуваат деца за да дилаат за нив. Најчесто се движат кај Дрвен парк зад улицата Орце Николов, во споредните улички низ населбата, но и во Градскиот парк.
„Истите тие групи имаат земено сила и освен дрога можно е да носат и ладно оружје, а бидејќи се малолетни полицијата не може да им врши претрес. Додека децата прават проблеми, возрасните што ги имаат организирано вртат кругови со скапи коли или седат и ги чекаат во некој од кафулињата низ Дебар Маало. Групата освен што дила дрога, провоцира и многу лесно може да се случи поголем инцидент“, велат родителите, кои во четвртокот имале среба со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и со командирот на полициската станица Центар.
Изминатите неколку месеци имаше дестина пријави за ограбени деца на улица на кои им биле земени мобилните телефони и пари откако група малолетници ги начекувале и им ваделе ножеви.
Вчеравечер градоначалникот Герасимовски заедно со портпаролот на Министерството за внатрешни работи Тони Ангелов рекоа дека по последните случувања низ Дебар Маало ќе има засилени полициски патроли. Досега таму главно имаше контроли на сообраќајната полиција што фаќаше алкохолизирани возачи, но вчеравечер беше забележливо и присуството на интервентна полиција на повеќе точки во реонот.
„Во следниот период ќе има засилени полициски контроли и присуство на полиција во регионот на Дебар Маало со цел превенција на насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови. Во оваа прилика сакам да апелирам и до граѓаните што поактивно да пријавуваат и алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР. До Општината често стигнуваат поплаки како и до мене како градоначалник, но вистинската адреса за брза реакција е МВР, а ние секогаш до нив итно ги препраќаме информациите кои ги добиваме од граѓаните“, изјави Герасимовски.
И портпаролот на МВР Тони Анегловски ги повика граѓаните да се јавваат во полиција доколку има било какво нарушување на јавниот ред и мир.
А. АНТЕВСКА