Со паролата „Нема правда, нема мир“ и свирежи пред Влада, заврши вечерашниот протест на антивладините демонстранти во Скопје. Вечерва тие се движеа по изменета маршута. Од пред СЈО тргнаа кон седиштето на ЕУ и по улицата „Кирил и Методиј“ продолжија кон Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги. Кордон полиција ја чуваше зградата која е дел од проектот „Скопје 2014“, но тоа не ги спречи демонстрантите во разни бои да бојадисаат барокната фасада. Ги бришеа штитовите на полицајците на кои се истури боја, со спрејови на асфалтот испишаа „Шарена револуција“ и извикуваа „Ова беше парк“ и „Нема правда нема мир“.
Откако ја бојадисаа Агенцијата, се вратија пред седиштето на ЕУ. Со зборовите „Ова е Македонија, Македонија не е партија, сите сме Македонија“ тука на демонстрантите им се обрати Александар Донев од граѓанската иницијатива Протестирам. Тој рече „Конечно сфативме дека не е доволно да се сака нешто, мораме да се избориме за тоа и да бидеме истрајни во борбата и најмногу од се да бидеме солидарни, затоа што заедно сме најсилни“. Еден од демонстрантите се качи на имрпвизираната бина, го зема микрофонот и повика да се поздрави Зоран Заев. Половина аплаудираа, а повеќето го исвиркаа и викаа уа. Пред седиштето на ЕУ демонстрантите си закажаа средба за утре во исто време и на исто место па многумина помислија дека протестот завршил и почнаа да си заминуваат.
Оние што останаа продолжија пред Влада, но бојата им беше потрошена па тука вечерва немаше бојадисување. На крајот на протестот се изморија и полицајците. Тие одмораа потпрени на штитовите и чекаа да се разотидат најупорните демонстранти
Протестот го организира граѓанската инцијатива „Протестирам“. Демонстрантите бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Вечерва протести имаше и во Охрид, каде што демнострантите фрлаа јајца на Општината, а во Стумица на протестите се преслушуваа разговори од бомбите. Во Битола вечерва имаше и антивладин протест и контрпротест органзиран од ГДОМ.