250 ЕВРА Е КАЗНАТА ЗА ЛИЦЕ БЕЗ ПОТВРДА ЗА ВАКЦИНА ВО ОБЈЕКТ, А ЗА УГОСТИТЕЛОТ ОД 2.500 ДО 30 ИЛЈАДИ ЕВРА

    250 ЕВРА Е КАЗНАТА ЗА ЛИЦЕ БЕЗ ПОТВРДА ЗА ВАКЦИНА ВО ОБЈЕКТ, А ЗА УГОСТИТЕЛОТ ОД 2.500 ДО 30 ИЛЈАДИ ЕВРАОд 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и во кафетерии. (Фото: К. Попов)

    Грaѓаните кои од понеделник ќе бидат затекнати во објект или на настан без сертификат за примена вакцина против ковид-19 ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице, вели дирекоторката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Симеска-Димоска.

    Владата на 7 август донесе одлука дека од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).

    Приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18-годишна возраст.

    Според последните информации од Министерството за здравство, во државата вкупно се аплицирани 1.033.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 462.192 граѓани.

    Директорката Симеска-Димоска за САКАМДАКАЖАМ.МК појаснува дека во нивна надлежност е да казнуваат и физички и правни лица за непочитување на мерки од Законот за заштита на населението, и дека ќе биде нивна проценка кога ќе бараат асистенција од службеници од Министерството за внатрешни работи (МВР).  Надлежноста, вели таа, е согласно членовите 58 и 28 од Законот и додава дека досега имаат одлична соработка со МВР.

    „Апелираме до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита на населението и да не влегуваат во објекти без сертификат за примена вакцина“, изјави Симеска-Димоска.

    Меѓу останатите одлуки од владината седница на 7 август со цел спречување на ширењето на новиот бран на ковид-19 се:

    • До 15 август, сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на ковид-19 мерките, со исполнетост до 40% од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила.
    • За ноќните клубови, дискотеки, кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи.
    • Од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.

    Според министерот за здравство Венко Филипче, новите владини мерки против ковид-19 со заради заштита на јавното здравје и колективната заштита кои се приоритет. Тој вели дека ничие лично право не е над правото на колективна заштита на јавното здравје.

    „Тие не го ‘делат народот’, како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат. Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните. Барам максимална одговорност од сите, Делта сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација“, е ставот на министерот Филипче.

    Министерот му одговори на лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на 8 август рече дека апсолутно ги отфрла овие мерки кои што се „таканаречени квазимерки кои што, не само што немаат цел да го заштитат здравјето на граѓаните, туку дополнително да воведат поделба меѓу македонските граѓани“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира