ЏАБЕ ЌЕ ВЕ ЛЕЧИМЕ АКО НЕ СТЕ ДИСЦИПЛИНИРАНИ И АКО НЕ СЕ ВАКЦИНИРАТЕ, АПЕЛИРА Д-Р НУРЕДИНИ ОД ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР

    ЏАБЕ ЌЕ ВЕ ЛЕЧИМЕ АКО НЕ СТЕ ДИСЦИПЛИНИРАНИ И АКО НЕ СЕ ВАКЦИНИРАТЕ, АПЕЛИРА Д-Р НУРЕДИНИ ОД ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР„Ако вирусот седи подолго време, ќе имаме нови и нови соеви кои ќе бидат полоши и посмртоносни“, вели д-р Гзим Нуредини. (Фото: СДК.МК)

    Лекарите се преморени од ковид пандемијата, но тоа не е проблем, проблем е недисциплинираноста на народот и отпорот кон вакцинацијата, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово.

    „На тие што не се вакцинирани сакам да им кажам дека од лицата што се хоспитализирани 95 проценти се невакцинирани. Ова е еден апел. Второ, што побрза вакцинација значи што побрзо совладување на вирусот. Ако вирусот седи подолго време, ќе имаме нови и нови соеви кои ќе бидат полоши, поконтактибилни, посмртоносни“, вели д-р Нуредини.

    Во земјава има над 11 илјади активни болни од ковид-19, од кои најмногу се во Скопје и Тетово, 3.829 и 1.791. Изминатиов период најголем е притисокот во Тетовската болница.

    „Нормално е дека целиот персонал е заморен иако се понудија и некои матични лекари па и стоматолози да помагаат. Но, не е тоа проблемот, проблемот е во дисциплината. Разговарав со докторка од Швајцарија и таа ми рече дека цел Балкан е сместен во нивните ковид-центри, нема пациенти од Швајцарија туку само наши, од цел Балкан, од Босна, Македонија, Црна Гора, Србија, Косово“, додава д-р Нуредини.

    Со д-р Нуредини поразговаравме за ставот на докторката Анита Сиртар од Ковид-центар во болница во Лос Анџелес, објавен во „Лос Анџелес тајмс“, која вели дека веќе нема емпатија кон невакцинираните лица кои завршуваат в болница поради компликации од ковид-19.

    Докторката го споделува чувството од лекувањето на 50-годишен витален пациент позитивен на ковид-19, кој не бил вакциниран, но примен е со ниска сатурација и компликации.

    „Лани, ваков случај ќе ме срамнеше со земја. Ќе се борев со тагата и колку е нефер животот. Но сега, се борам да најдам сочувство. Сега сме август 2021 година, а не 2020. Вакцината е широко достапна со месеци во САД, бесплатна за секој што сака, ја има и во аптеки и супермаркети. Врвни, револуционерни, восхитувачки, спасувачки вакцини се достапни таму каде што луѓето пазаруваат за намирници, а луѓето сѐ уште не ги сакаат. Му реков на пациентот, да бевте вакциниран, немаше да се запознаеме, оти немаше да стигнете до оваа фаза“, вели американската докторка.

    „Јас би ја заобиколил оваа идеја, но таа навистина држи. Без вакцинација вие, како прво, сами не се штитите, но не ги штитите и другите. Ако се вакцинираме, иако вакцината штити 60 до 80 проценти, нема да го имаме вирусот овде. Ние примаме и вакцини за други болести, па и тие не штитат 100 отсто, но спречуваат вирусот да живее во нашата средина. Затоа, треба еден голем апел до сите граѓани да се вакцинираат, а тие што се со мали симптоми или се асимптоматски да не чекаат и да се вакцинираат за што побрзо да се прекине ланецот на ширење на заразата. Ова важи за цел свет посебно, за нас бидејќи ние сме многу недисциплинирани“, вели д-р Нуредини.

    Тој исто така апелира и до младите кои што имаат и најмали симптоми, како кашлање или температура, веднаш да се јават кај матичните лекари.

    „Младите се таа група која ги индуцира сите останати пациенти. Младите обично се без симптоми и сега тие ни се таа проблематична група“, рече докторот.

    Од понеделникот, Министерството за здравство ја почна кампањата „Вакцинирај се“ за да се поттикнат граѓаните да се имунизираат и да се спречат лажните вести кои се шират од антиваксерите.

    Над пола милион се целосно ревакцинирани против ковид-19 во земјава. Според податоците од Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 674.510 граѓани од кои 503.401 се со две дози. Само вчера прва доза вакцина примиле 13.108 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.712 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.177.911 дози вакцини.

    З. АНДОНОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира