Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК денеска поднесе кривична пријава до Министерството за внатрешни работи (МВР) против непознат сторител, за фалсификување на логото на редакцијата и ширење лажни вести. Вчера, со лажна вест е фалсификувано логото на САКАМДАКАЖАМ.МК и се шири на социјалните мрежи твит од еден од лидерите на движењето „Бојкотирам“ со наслов што не постои на нашата платформа.
Кривичната пријава е поднесена против против НН лице корисник/сопственик на твитер профил со назив: @realLOshGZE, поради сторено кривично дело согласно Член 205 став 5 од Кривичниот законик кој вели: „Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци“.
Во пријавата се истакнува дека со фалсификатот се врши злоупотреба на трговската марка на САКАМДАКАЖАМ.МК за ширење лажни вести, преку кои се загрозува здравјето на граѓаните и се шири паника, а со тоа се врши кривично дело согласно Член 285 од Кривичниот законик.
„Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби мораат да бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника“, се вели во пријавата.
Во пријавата се бара МВР да преземе соодветни истражни дејствија, да се обрати до надлежното обвинителство за да се најде пријавеното НН лице или група која стои зад твитер профилот @realLOshGZE. Тоа ќе овозможи Обвинителството да поднесе обвинителен предлог пред Основниот кривичен суд Скопје за овие кривични дела.