ДУИ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДА ИСТИОТ ДЕН КОГА ЌЕ СТАПАТ НА СИЛА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, АКО ТОА Е УСЛОВ ЗА ПОДДРШКА ОД ВМРО-ДПМНЕ, РЕЧЕ ОСМАНИ

    ДУИ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДА ИСТИОТ ДЕН КОГА ЌЕ СТАПАТ НА СИЛА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, АКО ТОА Е УСЛОВ ЗА ПОДДРШКА ОД ВМРО-ДПМНЕ, РЕЧЕ ОСМАНИДУИ ќе поддржи Влада без претставници на ДУИ на денот кога ќе стапат на сила уставните измени, рече Османи по состаникото на партиското раководство во Мала Речица. (Фото: СДК.МК)

    ДУИ е спремна на истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата, ако тоа е предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени, кажа министерот за надворешни работи и портпарол на партијата Бујар Османи по завршувањето на вечерашната седница на партиското раководство во Мала Речица.  Ова е одговор на ДУИ на барањето од ВМРО-ДПМНЕ кое го соопшти лидерот Христијан Мицкоски во средата на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, кој е на чело на коалиционата владата на СДСМ и ДУИ.

    По лидерската средба, Мицкоски кажа дека премиерот Ковачевски му предложил да влезе моментално неговата опозициона партија во Владата, со тоа што ќе ги добие пет од 10-те најбитни реформски ресори (министерски места), но не и премиерското место.  Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада.

    После разговорите за уставните промени помеѓу помеѓу Ковачевски и  Мицкоски за можна преодна Влада на широка колаиција меѓу овие две партии, ДУИ денеска го свика раководството во седиштето на партијата во Мала Речица.

    „Централното претседателство ја реафирмираше одлучно и со консензус првичната одлука која веднаш ја претставивме после средбата на политичките партии, дека ДУИ е спремно на истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени. Нема поважно прашање денеска од европската иднина на државата и европската иднина на граѓаните. Имаме историска шанса, која доколку ја пропуштиме нема да ја имаме сигурно во наредните десет или дваесет години. Затоа ДУИ, проверувајќи го овој момент, врз основа на кредибилни информации кои што и јас ги претставив на седницата на претседателството и тоа што претседателот Ахмети го образложи, донесе одлука да поддржи една таква одлука во која што ДУИ ќе поддржи Влада без претставници на ДУИ на денот кога ќе стапат на сила уставните измени“, рече Османи по завршувањето на состанокот кој траеше неколку часа.

    Османи кажа дека претседателството побара паралелно да се одвива уште еден процес, „а тоа е почеток на ветинг и на истрага на сите политички партии, почнувајќи од претседателите до последниот партиски функционер, вклучувајќи и пратеници, функционери со цел еднаш за секогаш да оваа злоупотреба на прашањето на борбата против корупцијата во партиски цели да се стави крај и да се институционализира“.

    Претходно, ВМРО-ДПМНЕ повтори дека нивни услов е преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони, и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во Европската унија, „откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира