ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ ГО ЗАГРОЗУВА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, АКО БИЛО КОГА ПОСТОИ ТАКВА ОПАСНОСТ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГИ ПРЕКИНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ ГО ЗАГРОЗУВА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, АКО БИЛО КОГА ПОСТОИ ТАКВА ОПАСНОСТ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГИ ПРЕКИНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИПендаровски побара Владата да даде изјава дека ако било кога понатаму Бугарија го негира и задира во нашиот идентитет Македонија веднаш ќе ги прекинеме преговорите со Европската унија. (Фото: Кабинет на Претседател на РСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски смета дека треба да се прифати францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ оти не се поткопува македонскиот идентитет. Но, тој предложи Владата да даде изјава дека ако било кога понатаму, од почетокот до крајот на преговорите, Бугарија го негира и задира во нашиот идентитет, тогаш Македонија веднаш ќе ги прекине преговорите со Европската унија. Пендаровски не верува дека со овој француски предлог ќе се разнебити македонскиот народ и нација, како што вели дека изминативе денови се создаде перцепција во јавноста.

    „За мене ова е транзиционен компромис, бидејќи се решава блокадата и во оваа фаза е прифатлив. Ја креваме бугарската блокада и се дозволува формално отворање на преговорите со Европската унија. Со ништо не го поткопува македонскиот идентитет оти за тоа во рамката има чист македонски јазик без фуснота. Ако се прифати предлогот, натаму нема само Бугарија да го цени нашиот напредок туку и Европската комисија. Подобро е Брисел да нè оценува отколку само Софија. Имаше теза дека историјата е услов за натамошен напредок. Историјата воопшто не е услов, има само една реченица во која се препорачува мешовитата историска комисија да се среќава почесто. Но, бидејќи има сомнежи во јавноста им реков дека очекувам Владата да додаде еден пасус плус, во кој ќе стои дека од отворањето на преговорите  до нивното завршување, ако има било какви инсинуации било од кого, кои се однесуваат на нашиот идентитет, одма се повлекуваме од преговорите“, рече претседателот Пендаровски по завршувањето на седницата на Советот за безбедност на која беа и премиерот Димитар Ковачевски и министрите Бујар Османи и Бојан Маричиќ.

    Пендаровски кажа дека најголема слабост на предлогот е тоа што се бара во оваа фаза внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи тоа ќе биде домашна блокада. Политичката ситуација во земјава односно поделеноста никако не гарантира дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за вакви уставни измени.

    „Ако ме прашувате дали можевме да се избориме за подобро ќе ви кажам вака – како држава со 1,8 милиони граѓани и 500 евра просечна плата која не е членка, не можевме. Постои страв кај народот дека во ЕУ можеме само како Бугари и никако поинаку. Тоа не е така, па 21 век сме. Никако еден Македонец не може да стане Бугарин насилно, тоа може само со наша волја, а тоа многу го прават со бугарски пасоши, или ако не окупираат“ рече Пендаровски.

    Пендаровски кажа дека од позиција на човек кој имал средби со голем број европски лидери, меѓу кои и со францускиот претседател Емануел Макрон и гермнаксиот канцелар Олаф Шолц, нема впечаток дека ЕУ сакаат да ја разнебитат македонската нација и народ.

    „Двајцата ми рекоа дека сакаат да се обратат во нашиот Парламент. Шолц сака да дојде и да го оживее заборавениот Берлински процес. Нивниот интерес е економскиот, а не да менуваат нечија етничка карта, па и нашата“, кажа Пендаровски и додека дека изминативе денови бевме мета на хибридни напади со кои се створи погрешна слика во јавноста за францускиот предлог.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира