ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ ОД СДСМ НЕ ДОЈДЕ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА, А ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ ВЕЛКОВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БРАНЕШЕ ПЛАНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ НА ВОДНО

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ ОД СДСМ НЕ ДОЈДЕ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА, А ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ ВЕЛКОВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БРАНЕШЕ ПЛАНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ НА ВОДНОНа јавната дебата жителите на тој дел од Водно кажаа дека се против новиот план, и побараа тој да не се усвојува, а општинарите им рекоа да поднесат анкетни листови и забелешките да ги наведат во нив,оти парцелите кои се планираат се приватни.(Фото: К. Попов)

    Каде е градоначалникот Горан Герасимовски и сите советници што го гласаа планот да нè погледнат в очи и да ни кажат зошто дозволуваат да се градат згради на Водно, рекоа граѓаните на денешната јавна презентација за Нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј05-Барутана. Нацрт-планот беше усвоен на седница на Советот на Општина Центар на 14 јули откако за него здружно гласаа советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

    На денешната јавна расправа не дојде градоначланикот Горан Герасимовски. Тој денска имаше прес-конференција  за музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“.

    Граѓаните, кои се староседелци во тој дел од Водно, на службите од Секторот за урбанизам на Општината и на планерката од приватната планерска куќа „Билд урбан“ им кажуваа дека таму во моментов нема никакви услови за живот, а камоли кога ќе се изградат нови 30 згради.

    „Жал ни е што сега тука ние целиот револт го исфрламе врз, а градоначалникот и советниците ги нема. Дали сите вие кои го гласавте и го браните планот сте  биле горе на Водно, па таму кај што треба да правите улица за новите згради да имаат пристап, теренот е стрмен за 76 степени. Јас таму живеам цел мој живот, сега сум во пензија и секој ден собирам земја од што се лизга земјиштето. Сега со оваа инфраструктута се лизга, а што ќе биде кога ќе се изградат сите тие нови згради. Не може за интересите на неколку лица да ги доведувате сите граѓани во опасност“, рече Љупчо Шапчевски, староседелец од Водно и ја праша претседателката на Советот на Општина Центар Виолета Велковска од ВМРО-ДПМНЕ зошто гласала за планот.

    Велковска рече дека тие гласале за нацрт-план за да се отвори дебата, да се видат забелешките на граѓаните, да се чуе стручната фела.

    „Ме иритира кога велите Водно ќе се симне во Скопје. Работев во Институт за земјотресно инжинерство и знам многу убаво што е стабилност и нестабилност. Сите пресеци на Водно не се нестабилни. Смешно е вие што кажувате. Имам колега кој направил елаборат и ми рече дека Барутана е стабилна, самото име Барутана кажува таму имало некогаш барутана, а барутана се гради таму каде нема прилив на вода. Таму нема свлечиште, нема ерозија, тоа што го кажувате е нешто површински, за земја правите муабет. Ако ви паѓа изгледа не ви е направено како што треба“, рече претсдателката на Советот Велковска.

    На јавната дебата жителите на тој дел од Водно кажаа дека се против новиот план, и побараа тој да не се усвојува. Општинарите им рекоа да поднесат анкетни листови и забелешките да ги наведат во нив, наведувајќи дека парцелите кои се планираат се приватни.

    На јавната расправа беа и советнците од „Шанса за Центар“ и од Левица во Советите на Општина Центар и на Град Скопје .

    „Велите дека треба да се обесштетат сопственците на имотите за да тоа стане јавен простор и тоа ви е проблем. А не е проблем да ја преместувате водоводната цевка и да градите улици на стрмен терен чија изградба ќе чини многу. Овде нема политичка волја за да се реши ова прашање“, рече Јана Белчева, советничката во Град Скопје од „Шанса за Центар“.

    Јане Димевски, советник во Општина Центар од „Шанса за Центар“, кажа дела според елаборатот направен за тој предел, ако се почне со градба и се сече шумата ќе има влез во втора категорија ерозивно подрачје.

    „Како тој товар од нови згради ќе го издржи овој предел, кој гарантира дека еден ден нема да тргне надолу. За да им се овозможи луксуз на малкумина, се доведува цел град во опасност“, рече Димевски.

    Тие прашаа како е можно планот да се нацрта и да се става на гласање кога нема согласност од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Планерката од „Билд урбан“ рече дека побарано е мислење, но немаат добиено одговор и ако не се добие одговор тие продолжуваат со носењето на планот, односно тој може да се донесе и без одговор од ДЗС.

    „Граѓаните треба да знаат дека Дирекцијата за заштита и спасување не дава одговор бидејќи тој ќе биде негативен, а вака ‘се е по закон шефе‘, со премолчување планот може да се донесе“, рекоа од „Шанса за Центар“.

    Во планската документација за изработка на Деталниот урбанистички план (ДУП) се вели дека тој е изработен по барање на Друштвото за градежништво, промет и трговија „Лутарико“. Советникот од Левица во Советот на Град Скопје и архитект Андеа Јанков рече дека вакви лоши планови се носат бидејќи се дозволува нив да ги финансираат приватни лица заради нивни интереси.

    „Нема јавен интерес ако планот го финансира приватник кој сака да гради зграда. Несфатливо е како тоа Општина Центар не може да одвои пари за сама да ги прави плановите. Потребни се 800.000 евра годишно за оваа намена, а Општината има буџет од 20 милиони евра“, рече Јанков.

    Јавната анкета за планот ќе трае до 14 септември. Граѓаните ќе можат своите забелешки да ги наведат во анкетни листови во писмена форма, секој работен ден од 8 до 16:00 часот, во просториите на ООУ „Кочо Рацин“ на улица Салвадор Аљенде бр. 2, каде што нацрт-планот ќе биде изложен во хартиена форма. Анкетен лист ќе можат да пополнат сите жители на Центар, не само жителите на Барутана. Анкетните листови ќе бидат достапни и во електронска форма преку веб-страницата на Општина Центар, како и преку информацискиот систем е-урбанизам.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира