ГРАЃАНИТЕ ШТО ЌЕ ОДАТ ВИКЕНДОВ НА ВАКЦИНАЦИЈА ВО БЕЛГРАД, НЕ СМЕАТ ДА ТРГААТ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ГРАЃАНИТЕ ШТО ЌЕ ОДАТ ВИКЕНДОВ НА ВАКЦИНАЦИЈА ВО БЕЛГРАД, НЕ СМЕАТ ДА ТРГААТ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС, ВЕЛИ ВЛАДАТАВо нашата редакција се јавија граѓани кои имаат термин за вакцинација рано наутро во сабота и треба да тргнат за Белград вечерва после полноќ кога е на сила полицискиот час, велејќи дека нема начин да добијат дозвола за движење.(Фото: СДК.МК)

    Граѓаните кои викендов ќе одат на вакцинација во Србија, не смеат да тргнат на пат за време на полицискиот час.

    Во нашата редакција се јавија граѓани кои имаат термин за вакцинација рано наутро во сабота, или недела и треба да тргнат за Белград после полноќ кога е на сила полицискиот час, велејќи дека нема начин да добијат дозвола за движење.

    Од Владата на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали за оваа група граѓани ќе биде дозволено движење за време на полицискиот час во ситуација кога уште во земјава не е почната вакцинацијата на населението, велат дека мерките за забрана за движење важат за сите, а дозвола за движење може да се добие ако имаат потреба од итна медицинска помош.

    „Обезбедени се вакцини. Со пристигнувањето на пратката од 24 илјади дози во рамките на Ковакс механизмот, почнува вакцинацијата на населението во земјава. Одлуката на секој граѓанин каде ќе се вакцинира е лична, а мерките за движење, важат за сите. Граѓаните кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа, треба да се најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи“, велат од Владата.

    Од таму додаваат дека патниците кои се затекнати на граничните премини за време на полицискиот час се пропуштаат да влезат  во земјава.

    Македонски државјани кои преку официјалната страна на Институтот за јавно здравје на Србија се пријавиле за вакцинирање како странски државјани, викендов ќе се вакцинираат масовно во просториите на Белградскиот саем, со вакцината „АстраЗенека“. Од Министерството за здравство велат дека нема пречка граѓаните да се вакцинираат во Србија или во која било друга земја, но мора да добијат уредна потврда за имунизација, со што ќе се водат како вакцинирани.

    Во Србија викендов ќе се вакцинираат и вработени во компаниите што се членки на Стопанската комора на Северна Македонија. Најголемата стопанска комора во земјава обезбеди вакцинација со помош на партнерската Стопанска комора на Србија преку коморскиот инвестициски форум.

    Во земјава сè уште не е почната масовната вакцинација на населението. Министерот Венко Филипче вчера најави дека в недела ќе стасаат првите количини „АстраЗенека“ од Ковакс механизмот и со тоа од наредната недела населението ќе почне да се вакцинира.

    Досега вакцинирани се само дел од медицинските лица со 8.000 дози од вакцините на „Фајзер“ донација од Србија и  со 3.000 „Спутник“ купени од Русија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира