ИНСПЕКТОРИТЕ СПИЕЛЕ, НАШИТЕ ДЕЦА НЕ СЕ РАЗБУДИЈА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 62 ЖРТВИ

    ИНСПЕКТОРИТЕ СПИЕЛЕ, НАШИТЕ ДЕЦА НЕ СЕ РАЗБУДИЈА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 62 ЖРТВИ„Ова е наш начин да ја одбележиме болката, да побараме правда и да ги потсетиме институциите дека не смееме да дозволиме ваква трагедија да се повтори“, велат родителите. (Фото: Принтскрин од видео)

    „Инспекторите спиеле, нашите деца не се разбудија“, беше една од паролите на денешниот протест во Кочани на родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. На денешниот петти по ред протест, по оној на 29 април во Скопје, родителите и роднините се движеа од Паркот на револуцијата, кон Општина Кочани, Полицијата и Обвинителството и Основниот кривичен суд во Кочани. Денеска родителите маршираа, а протестот заврши без изјави.

    Во пожарот загинаа 62 лица, од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.

    Утринава, родителите преку соопштение до медиумите кажаа дека ја одбиле поканата од Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје. Причината за одбивањето е доцнењето на поканата бидејќи тие уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани. Родителите велат дека дел од нив не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата. Во соопштението додаваат дека нивниот став не е израз на целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.

    „Ова е наш начин да ја одбележиме болката, да побараме правда и да ги потсетиме институциите дека не смееме да дозволиме ваква трагедија да се повтори“, се вели во соопштението.

    Истрагата на обвинителите во Скопје и Кочани продолжува со распит на сведоци и анализа на прелиминарните вештачња. Обвинителството минатиот месец најави сослушување на над 300 сведоци. Полицијата постапува по наредбите на јавните обвинители, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

    Државниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека се очекува истрагата да заврши во втората половина на јуни, кога ќе знае кој ќе биде обвинет.

    Семејствата на жртвите бараат независна, темелна и неселективна истрага и најавија дека ако не ја добијат правдата во земјава, ќе ја бараат пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

    Над 60 лица досега се под истрага за пожарот, меѓу кои и двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и градоначалникот кој даде оставка по пожарот, Љупчо Папазов, како и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори. Под истрага се и сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира