НАД 3.100 ЗАТРУЕНИ ОД ВОДАТА ВО ГОСТИВАР, ПРИВЕДЕНИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛЕЦ“ И УШТЕ ДВАЈЦА РАКОВOДИТЕЛИ

    НАД 3.100 ЗАТРУЕНИ ОД ВОДАТА ВО ГОСТИВАР, ПРИВЕДЕНИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛЕЦ“ И УШТЕ ДВАЈЦА РАКОВOДИТЕЛИЖителите на Гостивар денеска протестираа пред ЈП „Комуналец“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи (МВР)  потврди дека се приведени ​ директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Гостивар, Артана Асани, заедно со техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот Вадедин Дервиши, поради загадувањето на водата во градскиот водовод од што досега се затруени 3.100 лица.

    „Полициски службеници од Полициската станица (ПС) Гостивар во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар лишија од слобода три лица во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод. Лишени од слобода се А. А. од с. Здуње – в. д. директор на ЈП ‘Комуналец’ Гостивар, В. Д. од с. Форино шеф на ‘Водовод и канализација’ и Л. Н. од с. Вруток – технички директор на ЈП ‘Комуналец’ Гостивар. Надлежните институции продолжуваат да преземаат дејствија за прибирање докази во предистражна постапка“, соопшти МВР.

    Претходно, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, објави дека директорката и дел од раководството што е одговорно за водоводот се суспендирани од функциите, но рече дека тој не чувствува морална одговорност.

    Основното јавно обвинителство соопшти дека преземаат истражни дејствија за прибирање докази и дека извештајот од Институтот за јавно здравје сѐ уште не е доставен до нив.

    „Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката се уште е во фаза на предистрага која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена“, вели ОЈО.

    Портпаролката на Владата Марија Митева кажа дека „очекуваме целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности кои довеле до оваа состојба. Било каква одговорност која ќе се утврди, институционална, службена или индивидуална таа ќе биде соодветно санкционирана. Нема да има селективност, ниту компромис кога станува збор за здравјето на граѓаните“.

    Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека досега се регистрирани 3.150 здравствени контакти со затруената вода од градскиот водовод во Гостивар. Од вчера е прогласена епидемија во Гостивар, откако на 17 јули водата беше забранета за пиење и друга употреба. Со надзорот е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Водата во Гостивар и натаму е забранета за пиење и друга употреба.

    Клековски рече дека од вчера се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани. Четирите лица кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување. Досега се доставени 140 формални пријави за заразни болести, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје ЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје, и се спроведени 81 епидемиолошка анкета. Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности продолжуваат на терен.

    ​„Здравствени контакти значи контакти во Здравствениот дом Гостивар и во Општата болница Гостивар. Тука се вклучени и телефонски јавувања во Здравствениот дом, интервенции на Брзата помош и, секако, прегледани граѓани во двете установи“, рече Клековски на прес-конференција во Владата.

    Лимани на прес-конференцијата во Гостивар рече дека наскоро треба да се состане и Кризниот штаб, на кој треба да се носат одлуки за надминување на проблемите со зголемениот број на заболени, а Клековски кажа дека денеска состанок ќе има Комисијата за заразни болести кои ќе излезат со свои препораки.

    На новинарско прашање да се каже која е причината за ситуацијата во Гостивар, министерот Клековски рече дека кога Јавното обвинителство ќе даде согласност да се објават резултатите, тие ќе бидат објавени.

    „Испитувањата се направени на барање на Обвинителството и кога тоа ќе даде согласност јавно да се каже, ќе ги соопштиме резултатите. Не сакаме да се мешаме во истрагата“,  рече Клековски додавајќи дека храната како причина отпаѓа.

    На новинарско прашање што значи тоа ако се најдат фекалии во водата, Андоновска одговори:

    „​Доколку хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии, односно колиформни бактерии, и таа вода е конзумирана од страна, се тврди дека е конзумирана од страна на одредени лиц,  може да се јават симптоматологија од ваков тип како што имаат. Но, тоа е една широка лепеза на клиничка слика, така што, да, со присуството доколку би биле утврдени, може да се јават вакви стомачни проблеми како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар. А тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може и тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација, односно компликација и да доведат до дехидратација“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира