ОПОЗИЦИЈАТА НА УКРАИНА И МОЛДАВИЈА НЕ РАБОТИ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ДРУГИ ДРЖАВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ГИ ПОЧНАА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

    ОПОЗИЦИЈАТА НА УКРАИНА И МОЛДАВИЈА НЕ РАБОТИ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ДРУГИ ДРЖАВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ОТКАКО ДВЕТЕ ЗЕМЈИ ГИ ПОЧНАА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУУкраина и Молдавија денеска ги почнаа преговорите за пристапување кон Европската Унија откако Унгарија се откажа од блокирањето на Украина. (Фото: Влада на РСМ)

    Опозициите на Украина и Молдавија не ја кочат владата и не работат за интересите на други држави, кажа премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за денешниот старт на преговорите со Европската Унија на двете земји, а процесот на Македонија уште е закочен поради вето на Бугарија.

    Украина и Молдавија денеска ги почнаа преговорите за пристапување кон Европската Унија откако Унгарија, по промената на власта и доаѓањето за премеир на Петер Маѓар, се откажа од блокирањето на Украина иако претходно изразуваше сомнежи во проценките на Европската комисија дека е подготвена да ги почне преговорите. Маѓар, минатата недела објави дека е постигнат договор со Киев за зајакнување на правата на малцинствата на етничките Унгарци во соседна Украина. Маѓар го постави таквиот договор како услов за согласност за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Украина.

    „Опозицијата на Украина и Молдавија не работи против своите граѓани и својата влада, не ја кочи сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади коишто имаат поинакви интереси, како што е во нашиот случај. И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станува збор за стратешки прашања против надворешни предизвици. Тоа не го направи претходната влада којашто беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати да потпише за да остане на власт. Но, ние нема да очајуваме. Ќе продолжиме да работиме, да испорачуваме реформи што се дел од планот за раст. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда, ние не сме чудотворци. Секој оној којшто ветува чуда не ја говори вистината“, рече Мицкоски при посетата на индустриска зона Жабени во Битола.

    Прашан за реконструкцијата на Владата рече дека средби со коалиционите партнери ќе има после 17 јуни односно по прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се одржи на стадионот во Струмица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира