ПОЧИТУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е НАЈВАЖНО ЗА УСПЕШНО ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ, РЕЧЕ ФОН ДЕР ЛАЈЕН ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА ВО ЗАКЛЕТВАТА НЕ ГО КАЖА УСТАВНОТО ИМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    ПОЧИТУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е НАЈВАЖНО ЗА УСПЕШНО ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ, РЕЧЕ ФОН ДЕР ЛАЈЕН ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА ВО ЗАКЛЕТВАТА НЕ ГО КАЖА УСТАВНОТО ИМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА„За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, меѓу кои и Договорот од Преспа“, рече Фон дер Лајен; - Од инаугурацијата на претседателката Сиљановска-Давкова денеска во Собранието. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен имплицитно ја прекори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска на инаугурацијата при читањето на заклетвата наместо уставното име Северна Македонија рече само Македонија.

    „За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, меѓу кои и Договорот од Преспа“, рече Фон дер Лајен во твит на Х.

    Реагираше и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел:

    „Многу е разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“ рече Мишел  во објавата на Х.

    Неколку часа претходно, фон дер Лајен на Х напиша: „Честитки, Гордана Сиљановска-Давкова, што станавте првата жена претседателка на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на својот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да работам со вас.”

    При изговорањето на заклетвата, односно повторувајќи ги зборовите на претседателот на Собранието Јован Митрески, Сиљановска-Давкова не кажа дека дава заклетва како претседателка на Република Северна Македонија, туку само на Македонија. Силјановска-Давкова ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, исто како и на Уверението за Претседател на Република Северна Македонија кое вчера го прими во Државната изборна комисија (ДИК).

    Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала во знак на протест.

    Грчкото Министерство за надворешни работи подоцна објави соопштение во кое се вели дека активностите на новaта претседателка го прекршиле договорот меѓу двата народи и ги ставаат во опасност билатералните односи и изгледите на Северна Македонија за пристапување во Европската унија.

    Вечерва, дипломатската служба на Европската унија издаде своја изјава: „ЕУ изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, претседателката Сиљановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на заклетва. ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција“.

    Сиљановска-Давкова на претседателските избори победи како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, која на парламентарните избори на 8 мај победи со освоени 58 пратенички мандати. ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со Европската народна партија (ЕПП), на која припаѓа и Фон дер Лајен, и има пријателски односи со германските Демохристијани.

    ВМРО-ДПМНЕ беше против Договорот од Преспа, како и грчката сега владејачка партија Нова демократија, исто така членка на ЕПП, која беше во опозиција во 2018 кога владата предводена од Сириза го потпиша договорот со кој стави крај на 30-годишниот билатерален спор за името.

    Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, завчера во интервју за грчката телевизија „Алфа“, кажа дека „со загриженост“ ги следи изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види „на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја“.

    „Сакам да бидам јасен. Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа, а особено со одредниците ‘македонска нација’ и ‘македонски јазик’. Но, го прифатив Договорот во рамките на континуитетот на државата и препознав дека, и покрај моето несогласување со Договорот, морам да го почитувам. Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Да бидеме трпеливи. Сакам да се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема да бидат официјална позиција на новата Влада постизборно, бидејќи ако се случи ова ќе имаме проблеми“, рече Мицотакис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира