СЕ БОДАТ СО ВИЛУШКА ЗАРАДИ ОТШТЕТА КАКО КАСНАТИ ОД КУЧЕ, ОПШТИНА КИЧЕВО ГОДИШНО ИСПЛАЌА 115.000 ЕВРА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ, НО НЕМА ПРИЈАВЕНО ЗЛОУПОТРЕБИ

    СЕ БОДАТ СО ВИЛУШКА ЗАРАДИ ОТШТЕТА КАКО КАСНАТИ ОД КУЧЕ, ОПШТИНА КИЧЕВО ГОДИШНО ИСПЛАЌА 115.000 ЕВРА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ, НО НЕМА ПРИЈАВЕНО ЗЛОУПОТРЕБИВеруваме на болницата, полицијата и она што го гледаме на слика и сето тоа го потврдува ветеринарен лекар, велат од општинската комисија за обесштетување за каснување од улично куче. (Фото: СДК.МК)

    Кичево е рекордер според бројот на регистрирани напади од улични кучиња, според статистиката на СВР Охрид. Само во 2022 имало 258 пријави од нападнати граѓани. Исто толку имало и лани, а за само три месеци од годинава напад од куче пријавиле 64 лица. Се претпоставува дека бројот на нападнати граѓани од кучиња-скитници во Кичево е поголем, оти дел од граѓаните од разни причини не ги пријавиле нападите. Годишно, Општината исплаќа и до 7 милиони денари (околу 115.000 евра) за обесштетување на луѓето што биле каснати од кучињата скитници.

    Граѓаните кои со медицинска белешка го потврдиле нападот од бездомно куче имаат можност да добијат обесштетување во висина од 25.000 до 40.000 денари, во зависност од видот на каснувањето, бројот на каснувањата, степенот на страв и големината на последиците, како и возраста на повредениот, односно дали се работи за дете до 18 години, возрасно лице или лице над 65 години. За утврдување и определување на висината и исплата на надоместокот на штета надлежна е Комисијата за постапување по барања за надоместок на штета формирана од градоначалникот.

    Се посомневавме на два-три случаи, но при проверка на целокупната документација ветеринарниот лекар констатира дека раните наликуваат на угриз од куче, велат од општинската комисија за обесштетување. (Фото: СДК.МК)

    Но, има и случаи кога граѓаните во обид да дојдат до средства пријавуваат лажни напади. Се повредуваат со вилушки и други предмети, правејќи рани по телото кои наликуваат на угриз од куче, потврдуваат медицински лица од Итната медицинска служба кои сакаат да останат анонимни.

    „Имаме советници кои се медицински лекари и разговаравме на оваа тема, дали некој може сам да се повреди и да каже дека е каснат од куче. Лекарите велат дека мора да веруваат и да го истретираат човекот кој вели дека е каснат од куче и да му издадат медицинска белешка. Доколку претпостават дека не е каснат и не му ги дадат потребните лекарства, што ако е навистина каснат? Кога ќе дојде кај нас ветеринарниот лекар кој е член на комисијата, на сликата гледа рана, а таму каде што се констатира дека е рана и ги има сите потребни документи, ние го исплаќаме, оти и полицијата и болницата потврдуваат дека тоа се случило. Ние и да го одбиеме, а имало такви случаи, истиот тој продолжува и на суд ќе го добие случајот оти ги има претходно сите документи со кои потврдува дека е каснат“, кажува Емилија Петкоска од Секторот за животна средина во Општина Кичево.

    Од полицијата во Кичево велат дека досега не е добиена пријава од правно или физичко лице, за лажна пријава за напад од куче скитник.

    „Се посомневавме на два-три случаи, но при проверка на целокупната документација ветеринарниот лекар констатира дека раните наликуваат на угриз од куче. Искрено, има шпекулации дека тоа се случува, но ние работиме со докази, документи и медицински и од полиција, ветеринарниот лекар дава потврда дека лицето е каснато од куче и тука нема место за сомнеж. Веруваме на болницата, полицијата и она што го гледаме на слика и сето тоа го потврдува ветеринарен лекар“, вели член на Комисијата за постапување по барања за надоместок на штета предизвикана од каснувања од бездомни кучиња на граѓани на подрачјето на Општина Кичево.

    Бројката на улични кучиња во Кичево е алармантна. Комуналната редарска служба изброи 500 кучиња на територијата на Општината. Проблемот со кучињата скитници во Кичево се провлекува со години.

    Граѓаните стравуваат за нивната безбедност оти бројот на кучиња по улиците постојано расте. Велат дека кучињата често се агресивни, најчесто во утринските и вечерните часови.

    „Овој проблем е наше секојдневие. Не можеш слободно да се движиш по улици. На работа ме носи сопругот или доколку тој не може викам такси. Никој не реагира, не презема ништо за да се реши ова. Цели глутници се по улиците, ни ти да поминеш ни дете да пуштиш само. Постојано има нови кучиња“, вели повозрасна жена која живее на периферијата на градот.

    Општина Кичево за третман на улични кучина од буџетот издвоила 1,2 милиони денари (околу 20.000 евра). Според планот и програмата за решавање на проблемот со зголеменото присуство на бездомните животни, односно за контрола на нивниот број, се врши нивна масовна стерилизација, вакцинација и повторно враќање на територијата од која се заловени.

    „Комуналната редарска служба ќе продолжи да врши контрола на терен за спроведување на обврските на граѓаните согласно Одлуката за комунален ред“, велат од Општината.

    Комуналната редарска служба изброи 500 кучиња на територијата на Општината.  (Фото: СДК.МК)

    Петкоска вели дека избраната ветеринарна клиника од минатата година досега третирала околу 300 кучиња кои со маркица се вратени на местото од каде се заловени, но проблем е што бројката на бездомни кучиња постојано расте.

    „Ние како Општина се имаме обратено до полицијата оти доаѓаат странки кои пријавуваат дека виделе возила од кои се истовараат кучиња, но досега никој нема донесено фотографија или снимка со што можам да потврдам дека тоа навистина е така. Но состојбата што ја гледаме е навистина апсолутно дека се случува тоа. Кучињата во одредени населби каде се движиме се диви одреден период, значи се адаптираат на одредена ситуација односно се донесени од некое друго место. Значи постојано работиме, а бројката постојано расте. На одредени места каде има неколку третирани кучиња после неколку денови се забележуваат нови без ушна маркица. Не се тоа млади кучиња туку се големи и возрасни, а полицијата до сега нема забележано дека некој врши такво дејствие“, вели Петкоска.

    Според неа, единствено решение за проблемот со кучињата скитници во Кичево е изградба на стационар. Одделението за урбанизам веќе изготвило проект, а сега се бара локација, но проблем прават граѓаните оти никој не сака тој да се гради во нивна близина.

    „Исто како и со депонијата, така и со изградбата на стационар гледаат дека ќе им преставува проблем доколку е во нивна близина. Мислат дека кучињата ќе ги вознемируваат, но тоа не е така. Изградбата на стационар е со одредени стандарди и граѓаните ќе бидат безбедни“, додава Петкоска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира