УВЕЗЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА, НЕПАЛ И ФИЛИПИНИ СЕ ФАТИЈА ЗА РАБОТА ВО ОХРИД, НО НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ СЕЗОНАВА ЌЕ СЕ РЕШИ НЕДОСТИГОТ НА КАДАР

    УВЕЗЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА, НЕПАЛ И ФИЛИПИНИ СЕ ФАТИЈА ЗА РАБОТА ВО ОХРИД, НО НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ СЕЗОНАВА ЌЕ СЕ РЕШИ НЕДОСТИГОТ НА КАДАРОние кои се одлучиле за да увезат сезонски работници се жалат на долгите процедури. (Фото: СДК)

    Туристичкиот сектор на охридско-струшката ривиера и покрај носењето на странски кадар и понатаму стравува за пополнување на слободните места поради недостиг на работници. Дел од нив се со став дека проблемот нема да се реши, оти се носат лица кои не го познаваат јазикот, културата, навиките. Оние кои се одлучиле за да увезат работници се жалат на долгите процедури.

    „Ретко кој се јавува на огласот за работа. Последниве години заминуваат на работа во Хрватска, па приморани сме да носиме работници од надвор“, вели угостител од Охрид.

    „Оваа година дефинитивно проблемот е алармантен со сезонската работна сила. Сите сме во потрага по работници, комуницираме со агенциите кои увезуваат работна сила од надвор, од Непал, Филипини и Индија. Работните позиции ќе бидат собарки, помошници во кујна и келнери. Англискиот јазик го познаваат, а дали ова ќе биде решението на проблемот ќе остане да видиме“, вели Тошо Чочороски, хотелиер од Охрид.

    Експертите велат дека ваквата состојба е поради повеќегодишната негрижа за вработените во овој сектор. Сметаат дека е потребна стратегија за да се задржи домашниот кадар.

    „Еден дел заминаа во Германија, иселенички со работна виза, со бугарски пасош, а другиот дел ги зеде Хрватска. Многу менаџери ланската година одеа од објект во објект, гледаа кои се добри келнери и шанкери и на лице место понудуваа стартна плата од 1.200 до 1.400 евра“, вели Ангела Крстаноска, професорка на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

    Според претседателот на Хотелската асоцијација (ХОТАМ) Крсте Блажески, алармот дека има голем одлив на работна сила се вклучи од пред 7-8 години. Вели дека причина не биле само ниските плати, државата мора да ја помогне индустријата, да ја подобри инфраструктурата, а со тоа да создаде услови за развој на туристичко-угостителската дејност.

    „Ако сакаме економски да опстои било која индустриска гранка, мора да имаме увоз на работна сила оти живееме во еден модерен свет каде што ако има одлив мора да има и прилив. Во туризмот ни фалат работници и ние мора да работиме така. Хрватска работи со 60-70 отсто увезени работници. Ова е тренд кој ние мора да го следиме. Дури и една Албанија има веќе 25.000 работници во угостителството“, смета Блажески.

    Угостителите сметаат дека во годините што следат потребата од работна сила ќе се зголемува, па бараат поедноставување на административната процедура за носење ваков кадар. Сопред нив, државата треба да ја зголеми и квотата за увоз на работници од странство оти недостиг на работна сила освен во угостителството има и во градежништвото, земјоделството, но и во други гранки.

    Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, само во првите два месеца од годинава се издадени над 8 илјади дозволи за престој и работа во секторот туризам и игостителство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира