ДЕЦАТА НАЈМНОГУ СЕ РАДУВААТ НА ЕЛКАТА – СТИГНА ПОМОШ ЗА СЕДУМЧЛЕНОТО СЕМЕЈСТВО ШТО ЖИВЕЕ БЕЗ СТРУЈА ВО ПЕЛИНЦЕ

ДЕЦАТА НАЈМНОГУ СЕ РАДУВААТ НА ЕЛКАТА – СТИГНА ПОМОШ ЗА СЕДУМЧЛЕНОТО СЕМЕЈСТВО ШТО ЖИВЕЕ БЕЗ СТРУЈА ВО ПЕЛИНЦЕПетте деца на семејството Трајковски од Пелинце најмногу се израдуваа на елката, светилките и пакетчињата, дел од донациите што ги добија од граѓани и бизисмени од Скопје и Куманово. (Фото: СДК.МК)

Електричен шпорет, брашно, храна, облека, елка, лампиони и новогодишни пакетчиња пристигнаа во домот на семејството Трајковски, во кумановското село Пелинце, откако САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела објави дека живеат во голема сиромаштија, без елементарни услови за живот, а струјата им е исклучена пред 7 години поради наследен долг од 35.000 денари. Бизнисмени и граѓани од Куманово и Скопје, организирано или самоиницијативно помогнаа седумчленото семејство на Драган и Моника новогодишните празници да ги мине на полна трпеза, а дечињата да се радуваат на елка и лампиони како другите деца.

„Многу сме благодарни. Дојдоа луѓето и донесоа многу работи. Децата најмногу се израдуваа на елката, светилките и пакетчињата. Не се делат од неа. Имаме и храна, брашно, слатки за новогодишните празници“, вели мајката Моника.

Бизнисмени од Куманово на семејството му подарија електричен шпорет, а разговарале со Драган и како да помогнат да ја реновира куќата.

Бизнисмени од Куманово на семејството му подарија електричен шпорет, а разговарале со Драган и како да помогнат да ја реновира куќата. (Фото: СДК.МК)

„Отидовме лично за да видиме што конкретно им треба. Куќата е навистина стара и се наоѓа во многу лоша состојба. Кровот протекува, ѕидовите се оштетени, а електричната инсталација стара и неупотреблива. Нема услови за живот на седумчлено семејство. Се договоривме да му обезбедиме градежен материјал и комплет опрема за купатило. Ќе помогнеме да се поправи куќата и да подобрат условите за живот на дечињата“, вели еден од бизнисмените.

Седумчленото семејство Трајковски живее во трошна куќа од педесетина квадрати. Немаат пари да го платат долгот за струја, па земаат од соседите за едно сијалично место и приклучок за телевизор и фрижидер.

Од ЕВН рекоа дека ќе постават броило откако ќе се доведе во ред внатрешната инсталација.

„За нас е најважна безбедноста на граѓаните и безбедното снабдување со електрична енергија на корисниците, а за сите други недоразбирања ќе се бара решение“, велат од ЕВН.

Семејството живее од социјална помош од 7.000 денари, бидејќи Драган и Моника не работат. Нивните деца Милан (11), Тијана (10), Иван (5), Луна (3) и осуммесечната Мелани, немаат услови за живот како нивните врсници.

„Се доселивме овде откако починаа родителите на жена ми и го наследивме долгот за струја кој не можеме да го платиме. Куќата е стара. Кровот протекува, а еден од ѕидовите попуштил и може да падне. Немаме купатило. Се капеме во корито. Ќе стоплиме вода и тука во собата покрај шпоретот. Живееме тешко. Летоска е полесно, поработувам кај луѓе низ селото и земам по некој денар повеќе, но во зима е полошо“, вели Драган.

Во мрачната соба, стариот и истрошен мебел одамна ја завршил својата функција. Во домот нема ни електрични апарати, и преку лето палат огин за да испечат леб и да зготват храна за децата.

Семејството го посети и градоначалничката на Старо Нагоричане Жаклина Јовановска и Црвен крст, им однесоа прехранбени и хигиенски пакети, облека, новогодишни пакетчиња и играчки.

Со помош на хуманите луѓе, тие се надеваат дека во новата година за нив доаѓаат подобри денови.

С. НИКОЛИЌ

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира