ДИРЕКТОРКАТА НА ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО НЕ ПОЧИТУВА ОДЛУКА НА ВРХОВНИОТ СУД И НЕ ЈА ВРАЌА ОТПУШТЕНАТА ПРОФЕСОРКА НА РАБОТА

ДИРЕКТОРКАТА НА ЕКОНОМСКО УЧИЛИШТЕ ВО ТЕТОВО НЕ ПОЧИТУВА ОДЛУКА НА ВРХОВНИОТ СУД И НЕ ЈА ВРАЌА ОТПУШТЕНАТА ПРОФЕСОРКА НА РАБОТАИ Народниот правобранител и министерот за образование Арбер Адеми го повикуваат раководството на економското училиште „8 Септември“ да ја почитува одлуката на Врховниот суд и да ја врати Арјета на работа.(Фото: СДК.МК)

Пет години професорката Арјета Велију Даути се обидува да ја истера правдината на виделина и да се врати на работа во општинското средно економско училиште „8 Септември“ во Тетово.

Нејзината голгота започнува во декември 2013 година, кога во училиштето е распишан конкурс за прием на 11 професори за стручни предмети од економијата. Арјета веќе две и пол години со договор работела во училиштето, каде предавала стручни предмети од економија. Меѓу пријавените кандидати, како што вели, таа била единствена која целосно ги исполнувала условите предвидени со конкурсот за постоечкото работно место, па се надевала дека нејзиниот прием ќе помине без никакви пречки.

„По речиси еден месец откако беше објавен конкурсот, директорката на економското училиште Рамије Куртиши ја објави листата на примени кандидати, а на неа го немаше моето име. Примени беа некои кандидати, меѓу кои имаше и такви кои ни од далеку не ги исполнуваа дадените услови од конкурсот. Тоа за мене беше шок. Барав објаснување од директорката зошто така е направен изборот, но не добив никаков одговор“, раскажува Арјета Велију Даути.

Професорката Даути по ваквата одлука на директорката решила правдата да ја бара преку инспекциските служи, а поднела тужба и до судот.

„Еве веќе 5 години ја барам правдата за мене. Каде не се обратив и сите велат дека јас сум во право, но што ми вреди кога директорката не сака да постапи по решенијата и да ме прими на работа. Трудовата инспекција при контролата утврдила дека 9 од примените 11 кандидати не ги исполнувале условите за вработување бидејќи немале положено стручен испит, или немале психолошка, психичка или методолошка подготовка. Јас сето тоа го имам, и за разлика од сите други кандидати имам положено и државен испит, но залудно. Дека има прекршување на Законот за средно образование констатира и Државниот просветен инспекторат, кој на директорката Рамије Куртиши ѝ наредува уште еднаш да направи реизбор на наставен кадар од пријавените кандидати. Но, и ова беше залудно, директорката Куртиши не сакаше ни да чуе да ме врати на работа“, вели Арјета.

По ова, таа правдата ја побарала на суд. Основниот суд во Тетово во септември 2014 година донел пресуда со која му се наложува на училиштето работниот однос на Арјета да се трансформира од определено во работен однос на неопределено време. На оваа одлука во 2016 година училиштето се жалело до Апелација во Гостивар, од каде одлуката на тетовскиот суд била поништена. Арјета поднесува тужба до Врховниот суд на Република Македонија. Врховниот суд во декември 2017 година донесува одлука со која се преиначува пресудата на Апелациониот суд во Гостивар, жалбата на училиштето се одбива како неоснована и се потврдува одлуката на Основниот суд во Тетово.

„И еве веќе цела една година имам одлука на највисокиот суд во државата со која јас треба да бидам вратена на работното место на неопределено време, ама директорката и понатаму одбива да ја изврши одлуката. По се изгледа дека директорката Куртиши не признава ниту инспекции, ниту основни, ниту пак врховни судови и се однесува како таа да е најсилна во државата“, револтирано зборува Арјета.

На ваквата повреда на човековите права реагираа и од канцеларијата на Народниот правобранител до каде Арјета поднела претставка.

„Народниот правобранител до директорката на училиштето ‘8 Септември’ од Тетово испрати допис, сугерирање и побара веднаш да се постапи според решенијата на Основниот суд Тетово и Врховниот суд односно да се склучи договор за работен однос на неопределено време и да се реализира плаќањето за извршените трошоци“, се вели во претставката од Народниот правобранител.

За случајот со професорката Арјета Велију Даути се заинтересира и Министерот за образование Арбер Адеми. Тој го повика раководството на економското училиште „8 Септември“ да ја почитува одлуката на Врховниот суд и да ја врати Арјета на работа.

„Како Министерство за образование и наука, апелираме и бараме брза интервенција во овој случај, да се постапи во согласност со пресудите на судот“, изјави министерот за образование и наука Адеми.

„Едноставно не знам што е причината за ова и зошто директорката Куртиши вака се однесува кон мене. Јас никогаш не сум се карала со неа ниту сме имала било каков конфликт. Единствено се сомневам дека зад ова може да стои мојата политичка определба. Јас сум член на ДПА и бев претседателка на Унијата на младите на партијатата, па изгледа тоа не и се допаѓа на директорката“, вели Арјета додека по којзнае кој пат ги прелистува големиот број судски одлуки и решенија.

Директорката економско училиште „8 Септември“ Рамие Куртиши не сакаше да зборува за овој случај, рече дека во текот на денот ќе ни испрати соопштение во кое ќе го изнесе својот став за случајот со професорката Арјета Велију Даути.

„По цели пет години, во 2018 година во училиштето доаѓа пресуда на Врховниот суд со која на сила останува првостепената пресуда со која е уважено тужбеното барање на тужителката, и со која се задолжува училиштето да изврши трансформација на работен однос на договор кој завршил на 30.11.2013 година. За да се прави трансформација на работен однос потребен е работен однос, а тужителката не е во работен однос. Училиштето се најде во апсурдна позиција, налози од извршител, парични казни, кривична пријава, се врши невиден притисок Арјета Велија да се врати на работа. Училиштето не е приватна сопственост на директорката, и таа нема апсолутно никакви ингеренции да прима на работа наставници надвор од законска процедура. Оваа пресуда едноставно не може да се спроведе со ваков диспозитив. Пред Врховниот суд сме повеле постапка по вонредно правно средство повторување на постапката, и очекуваме правна разврска“, се вели во соопштението кое го испрати директорката Куртиши.

З. АНДОНОВ


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира