НА 13 НОЕМВРИ 1944 ГО СПАСИВМЕ КАМЕНИ МОСТ ОД МИНИРАЊЕ, ВЕЛИ 97-ГОДИШНИОТ КОМАНДАНТ ВО НОБ ЈОРДАН ЦЕКОВ-ДАНЕ

    НА 13 НОЕМВРИ 1944 ГО СПАСИВМЕ КАМЕНИ МОСТ ОД МИНИРАЊЕ, ВЕЛИ 97-ГОДИШНИОТ КОМАНДАНТ ВО НОБ ЈОРДАН ЦЕКОВ-ДАНЕ„На германски јазик ги убедив фашистите да се предадат“, вели Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба од 1941 година, командант на Третата македонска ударна бригада и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Ноќта на 12 спроти 13 ноември речиси никој во бригадата не спиеше. Со нетрпение сите го чекаа часот да се тргне кон Скопје. Беа свесни за големината и за одговорноста на претстојната борбена задача – ослободување на Скопје“, се сеќава на 13 ноември 1944 година 97-годишниот Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба од 1941, командант на Третата македонска ударна бригада и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија.

    Роден е во 1921 во Куманово, во тогашното Кралство СХС, како трето дете на Денко и Вета Цекови. Од средината на 1938 бил член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), и на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) од 1943.

    Во септември 1941, бил еден од организаторите на познатиот штрајк на учениците во Кумановската гимназија. Автор е на Резолуцијата со барања на учениците, која почнува со зборовите: „Ние синовите на македонскиот народ…“. Поради тоа бил уапсен од бугарската полиција, но поради недостиг на докази, по едномесечна тортура во затворите во Куманово и Скопје, бил ослободен кон крајот на октомври 1941. Во учебната 1942/43 година завршил гимназија и положил матура.

    За борбата за Скопје, во деновите околу 13 ноември пред 74 години, Цеков вели дека Штабот на 3-та Македонска ударна бригада располагал со копии од урбанистичкиот план на Скопје, како и штабовите на баталјоните, со што била олеснета ориентацијата за водење на борбата низ улиците (Фото: СДК.МК)

    Во септември 1941, со брат му Стојко и со Панче Пешев прибира и засолнува оружје во семејната куќа во Куманово. Од вкупно 35 пушки кои партиските активисти ги прибраа во градот, 28 пушки и 2 пушкомитралези со 6 сандаци муниција биле засолнети во куќата на Цекови. Вечерта на 12 октомври 1941, оружјето било изнесено и употребено за вооружување на партизаните на Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред, чии две борби против бугарската војска во селата Белановце и Малотино на 12 и 17 октомври, заедно со акциите на партизаните на Прилеп и Скопје, го означија почетокот на антифашистичкото востание на македонскиот народ.

    Во јуни 1943, заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски-Карпош, е организатор на јадрото од 11 партизани, кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и стапија во Вториот Јужноморавски партизански одред. Во НОВ е од 26 јули 1943. Бил командир на чета во Кумановскиот партизански одред и Кумановскиот баталјон „Јордан Николов“, командир на чета во Трета македонска ударна бригада, командант на баталјон, заменик-командант на Трета македонска ударна бригада, командант на 11. Македонска бригада, а во септември 1944 е назначен за командант на Трета македонска ударна бригада.

    За борбата за Скопје, во деновите околу 13 ноември пред 74 години, Цеков вели дека Штабот на 3. Македонска ударна бригада располагал со копии од урбанистичкиот план на Скопје, како и штабовите на баталјоните, со што била олеснета ориентацијата за водење на борбата низ улиците.

    Јордан Цеков-Дане има напишано и 18 научни трудови и 122 статии објавени во весници и списанија. Во ракопис се уште три книги, за кои ни рече дека содржат факти за Методија Шаторов-Шарло (Фото: СДК.МК)

    „Откако на 13 ноември, борците на 12. Македонска бригада на врвот Карлијак околу полноќ запалија голем оган, како доказ дека Германците го напуштиле бункерот на Карлијак, беше договорено Третата македонска ударна бригада, во маршевска колона рано в зори да се симне во реонот на Кисела Вода. Рано утрото на 13 ноември 1944, Третата македонска ударна бригада, во состав од три баталјони, преку селото Усје навлезе во јужниот дел на Скопје – Кисела Вода. Скопје беше обвиено со магла, а покривите на куќите и улиците беа покриени со тенок пласт на снег, што дента се истопи. Со оглед на фактичката состојба дека сегашната улица 11 Октомври даваше можност од Кисела Вода најбргу да се стигне до Плоштадот, борците на Првиот баталјон брзо стигнаа пред зградата на Монополот. Германските војници беа изненадени и од прозорците почнаа да отвораат жесток оган од пушкомитралези, пушки и автомати. Во текот на два часа и нешто, обострано се отвораше силен оган, и војниците изненадени, еден по еден, почнаа да го напуштаат Монополот. Во таква ситуација, добро се сеќавам, Јорданче, командир на чета од Првиот баталјон, со десетина борци организира јуриш и со отворање на жестокиот оган од пушкомитралезот, пушките и автоматот успеа Германците да ги гони по главната улица. Борците, не жалејќи ги своите животи неустрашиво јуришаа и успеаја Германците да ги протераат кон Плоштадот“, раскажува Цеков.

    До 13 часот, борците на Третата бригада успешно ја завршиле борбената задача и успеале да го ослободат реонот во зафатот Кисела Вода – Железничка станица – Плоштадот – Камениот мост и низводно од западната страна на Вардар до Железничкиот мост и Аеродром.

    „Рано утрото на 13 ноември 1944, Третата македонска ударна бригада, преку селото Усје навлезе во Кисела Вода. Скопје беше обвиено со магла, а покривите на куќите и улиците беа покриени со тенок пласт на снег“,  вели Јордан Цеков-Дане (Фото: СДК.МК)

    „Во знак на постигнатиот успех, знаменосецот Видое Станковски доби задача знамето на Бригадата да го истакне на врвот на Народната банка, славно да се виори. Во исто време, знаменосецот на 12. Македонска бригада, знамето на бригадата го истакна на врвот на Офицерски дом. Бескрајното виорење на двете знамиња беше симбол на нашата славна и конечна слобода“, вели тој.

    Меѓу многуте случки на кои свежо се сеќава, Цеков-Дане ја издвојува и случката со Камениот мост и неговото спасување од минирање. Во Штабот на Третата бригада, дошол граѓанин и ги известил дека под една аркада, на источната страна на мостот, видел жици и тврдел дека мостот е миниран. Тој предложил ако имаат минери, да појдат со него и да ја проверат ситуацијата.

    „Веднаш наредив да дојдат неколку минери од диверзантскиот вод. Сите заедно со граѓанинот, се сеќавам дека имаше и еден Полјак кој беше минер, стигнавме кај мостот и се уверивме дека се поставени жици. Минерите спретно и внимателно ги пресекоа жиците и со тоа Камениот мост беше зачуван од уривање. Но, зошто мостот не беше урнат? Дали поради тоа што механизмот за експлозија не беше исправен или пак, Германецот минер, во таа мешаница и пукотница не ја изврши докрај задачата и мостот не беше оштетен, по толку изминати години останува само да претпоставуваме“, ни рече Цеков.

    Цеков сподели и анегдота од борбата со германските војници кај Учителската школа, кои биле блокирани и до пладнето на 14 ноември и пружале отпор. За тој реон бил надлежен вториот баталјон на 12. Македонска бригада, кои постојано им праќале усни пораки да се предадат и да не гинат залудно.

    На покана на британската Кралска легија на 13 ноември 2005, Цеков учествувал на парадата на воените ветерани во Лондон

    „Бидејќи околу еден час бев засолнет зад задниот ѕид на Учителската школа, најдов еден германски фолксдојчер, борец на баталјонот, кој говореше српски јазик и му наредив да му пренесе на германскиот старешина дека сакаме да водиме преговори и доколку се предадат, ние ќе се придружуваме кон Хашката и Женевска конвенција за кригсгефангене (воени заробеници) и по завршувањето на војната сите можат слободно да се вратат во хајмат (татковина). Зборовите кригсгефангене и хајмат ги изговорив на германски, бидејќи во гимназијата учев германски јазик. Додека ова му го кажав на преведувачот, германскиот старешина слушаше од отворениот прозорец на првиот кат и можеше добро да ме чуе. Тој се сложи да преговараме, за кратко пред мене се појави офицер и се претстави дека е капетан и одговорен за групата и од мене побара да му се кажат условите за предавање на војниците“, рече Цеков.

     

    За пратеник е избран во првото свикување на Собранието на Народна Република Македонија од 1946 до 1950 година. Републички пратеник бил и во второ, четврто, петто и седмо свикување на Собранието

    Меѓу петте услови, Цеков ги навел и следниве: „Според Хашката и Женевската конвенција за кригсгефангене, ние им ги гарантираме животите на сите кои ќе се предадат и даваме збор дека секој по завршувањето на војната ќе биде слободен да се врати во хајмат. Сите војници кои ќе се предадат ќе бидат сместени во логор за кригсгефангене, и кон нив ќе се приемуваат сите одредби на Хашката и Женевската конвенција за воени заробеници. На сите војници ќе им се оставаат личните предмети за натамошна употреба“.

    Германскиот капетан се согласил со сите услови и им рекол да почекаат за да им пренесе на војниците. По половина час, капетанот се појавил на отворен прозорец и радосно извикал „Алес ин орднунг“ (Сѐ е во ред) и кажал дека сите војници се согласиле да се предадат, бидејќи за нив војната е завршена. Откако го изговорил тоа капетанот, прво тој слегол во дворот и го положил својот револвер „парабелум“, а по него еден по еден сите војници. Вкупно се предале 82 германски војници, со капетанот на чело. Тие биле спроведени во основното училиште во Кисела Вода.

    „Така на 14 ноември, на пладне, со успешни преговори беше ликвидирано послендото германско упориште во Скопје. Заедно со 38 германски војници, кои се предадоа на Железничката станица, вкупно се предада 120 германски војници“, вели Цеков.

    Цеков додава дека претходно, на 25 април 1944 во борбата за ослободување на Кратово, тешко бил ранет со огностерелно оружје во пределот на ’рбетниот столб. На 1 декември 1944 добил чин мајор.

    Цеков гордо раскажува за неговата мајка, која била носител на партизанска споменица. Нејзиниот татко пак, бил комита кој изведен период поминал и во затворот во Куршумли ан (Фото: СДК.МК)

    Во неговата биографија е наведено дека бил технички уредник на шест броја на на „Октобрис“, весник на кумановската партиска организација, дека од јануари до декември 1945 завршил Виша артилериска школа во Ленинград, а потоа бил назначен за командант на артилерија на пешадиска и тенковска дивизија.

    Од повоениот период се издвојува дека од 1951 до 1953 завршил Воена академија на ЈНА во Белград, а потоа бил назначен за командант на артилериски полк во Бјеловар. Се пензионирал кон крајот на 1956 година во чин полковник. Од април 1962 до септември 1967 бил директор на Републичкиот фонд за научна работа, а од септември 1967 до јуни 1969 стручен соработник во Институтот за национална историја на Социјалистичка Република Македонија. За пратеник е избран во првото свикување на Собранието на Народна Република Македонија од 1946 до 1950 година. Републички пратеник бил и во второ, четврто, петто и седмо свикување на Собранието. Поради политички несогласувања со тогашната власт, во 1975 година е пензиониран на 54-годишна возраст.

    На покана на британската Кралска легија на 13 ноември 2005 учествувал на парадата на воените ветерани во Лондон. Цеков е носител е на „Партизанска споменица 1941“ и други воени одликувања, а има напишано и 18 научни трудови и 122 статии објавени во весници и списанија. Во ракопис се уште три книги, за кои ни рече дека содржат факти за Методија Шаторов-Шарло.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира