15 БЕЗДОМНИЦИ ДОБИЈА ВРАБОТУВАЊЕ, А СИТЕ ЧИСТА ОБЛЕКА И ФРИЗУРИ, ВО АКЦИЈА НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД КРИЗАТА

15 БЕЗДОМНИЦИ ДОБИЈА ВРАБОТУВАЊЕ, А СИТЕ ЧИСТА ОБЛЕКА И ФРИЗУРИ, ВО АКЦИЈА НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД КРИЗАТАСпоред евиденцијата на Црвен крст, бројот на бездомници во Скопје се движи меѓу 150 и 180, од кои 70% се мажи. (Фото: Ѓ. Личовски)

Пандемијата на коронавирусот беше уште еден предизвик за бездомниците во мачната секојдневна борба да се преживее. И покрај тоа што главно се препуштени сами на себе, тие велат дека не слушнале дека имало заразени меѓу бездомниците.

„Во изминатите година и пол се боревме со навистина тешки ситуации, вклучувајќи го и ковид-19. Се обидувавме да преживееме и досега, фала му на Господ, не сум слушнал дека некој бездомник се заразил со коронавирус. Можеби, Господ не чува“, вели Хари, бездомник од Скопје.

Драгана од Црвен крст им дели маски, ракавици, сапун и дезинфициенс на бездомници. (Фото: Ѓ. Личовски)

Црвениот крст од почеток на пандемијата се вклучи во заштитата на бездомниците, формирајќи посебен мобилен тим, за редовно да им се доставуваат заштитни средства, а обезбедуваше и тестирања по потреба.

„Според нашите медицински извештаи, досега речиси и да немаше лица со симптоми или сомнителни на вирусот, односно регистриран е само еден бездомник кој беше хоспитализиран во Скопје. Сите кои по препорака на лекар требаше да се тестираат го направија тоа со наша поддршка“, вели Сузана Тунева-Пауновска, секретарка на Црвен крст Скопје.

На пунктот бесплатно се добиваат и фризерски услуги. (Фото: Ѓ. Личовски)

Со програмата на Црвен крст за поддршка на бездомниците се опфатени лицата за кои бездомништвото е начин или филозофија на живеење. Според базата на податоци, нивниот број се движи од 150 до 180, при што 70% се мажи, 25% жени и 5% деца. Поголем дел од нив се самци, кои од најразлични причини останале на улица и денес секојдневно се снаоѓаат каде ќе преспијат.

Поголем дел од бездомниците се самци, кои од најразлични причини останале на улица. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Овие лица освен во себеси, имаат недоверба и во системот и луѓето околу нив и потребна е системска работа преку цела година за да имаат ефект активностите за социјализација. Кога пред десет години го отворивме пунктот направивме мало истражување во кое нашите корисници истакнаа дека им е потребно место во градот каде што ќе одржуваат хигиена, ќе добијат чиста облека и ќе имаат пристап до лекарска помош, психолог и социјален работник. Во рамките на пунктот тие бесплатно добиваат и фризерски услуги“, вели Тунева-Пауновска.

Црвен крст им обезбедува и чиста облека на бездомниците. (Фото: Ѓ. Личовски)

Пунктот за бездомни лица во Скопје е достапен за корисници двапати неделно, а во периоди на студени и топлотни бранови работи 24 часа. Во останатите денови им се дава индивидуална поддршка на бездомните лица, правна помош и им се средува документација заради полесно вклучување во системот.

Тунева-Пауновска истакнува дека постојат и успешни приказни за ресоцијализација на бездомниците, што е најважниот дел од нивната работа.

Пунктот за бездомни лица во Скопје е достапен за корисници двапати неделно. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Досега успеавме да ресоцијализираме и да најдеме работен ангажман за 15 наши корисници. Тоа е навистина долг процес и бара ангажирање на различни профили стручни соработници. Тука најдобра соработка имаме со градските власти на Скопје, кои вработуваат бездомници во јавни претпријатија“, вели Тунева-Пауновска, додавајќи дека во Скопје постои и центар за трајно сместување на бездомници кои се постари или хронично болни.

Еден од тие позитивни примери е Таир Даут, кој вели дека станал бездомник поради својата коцкарска зависност, а ситуацијата му се влошила по низа сериозни здравствени проблеми.

Бездомник пробува нови чевли што ги добил во Момин Поток.  (Фото: Ѓ. Личовски)

„До 2011 талкав по улиците, зашто не знаев каде да одам и што да правам. По операцијата веќе не можев ни да работам. Црвен крст многу ми помогна и многу сум благодарен за се што стори за мене. Доаѓањето тука, во Момин Поток, ме инспирираше да се обидам да повратам барем малку од стариот, нормален живот. Црвен крст ми помогна да се здобијам со сертификат за фризер, што ми отвори нови можности. Иако не заработувам многу, доаѓам тука секоја среда и петок за да опслужувам други бездомници. За тоа добивам компензација од 3.000 денари, но ова ми значи повеќе од пари. Овдека не се чувствувам како бездомник, овдека како да имам дом“, вели Даут.

Текст и фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ

 

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира