Изложба на еко фотографии на фоторепортерот на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК Ѓорѓи Личовски од денеска е поставена во новите еко автобуси на ЈСП Скопје, кои возат на линиите 2, 5 и 15 во градот. Изложбата содржи оригинални фотографии на тема климатски промени, а снимени се на разновидни предели и природни знаментости низ Македонија.
Изложбата е дел од едногодишниот проект Климатска акција на редакцијата, во чии рамки дадовме посебен фокус на јавните политики со кои се придонесува за справување со климатските промени и, меѓу другото, ги истражувавме можностите за влијание врз локалните власти за користење обновливи извори на енергија, како и воведување еколошки јавен превоз како и алтернативен јавен превоз (како електрични возила и електрични тортинети) особено во заштитените градски јадра, последиците од согорувањето на јагленот, последици од климатските промени врз земјоделието и животната средина.
Избравме фотографиите да ги изложиме во новите еко автобуси, оти со оглед на актуелната коронакриза, тоа е место кое ќе овозможи понепосреден контакт со публиката.
Оваа изложба е дел од нашето зелено ветување – дека само точна, квалификувана и проверена информација за суштината на климатските промени може со акција да придонесе кон општите напори за ублажување на последиците од нив. И како и другите витални теми, така и оваа ја обработуваме според највисоките стандарди на новинарството.
Изложбата ќе трае една недела.
А. АНТЕВСКА