24 ДЕКЕМВРИ ВО МАРТ

Ние немаме Собрание. Ние имаме само уште една зграда што е под команда на ВМРО-ДПМНЕ

24 ДЕКЕМВРИ ВО МАРТ

1 Сакате да кажете дека ова што се случува во Собранието е демократија и парламентаризам? Демек ова е цивилизирана дебата? Дека треба да сме среќни оти ВМРО-вците барем не тепаат политички противници по улици, туку дебатираат во Собрание? Оти, ако ништо друго, сега демек прифатиле дебата. Па макар и сами со себе.

Како да не. Ова што ни се случува е продолжение на 24 декември, 2012 година. Ова е типично насилничко однесување од типот: „Симни ме од власт ако можеш!“ Со истите клоци и тупаници како што беше црниот понеделник во декември, 2012 кога беа избркани пратениците од опозицијата. И со истиот командат Трајко Вељаноски.

Ние немаме Собрание. Ние имаме само уште една зграда што ја командува ВМРО-ДПМНЕ.

2 Му се чудам на умот на новиот пратеник Павле Богоевски, кој констатира: „Видете го Трајко Вељаноски како упаѓа во збор и ќе ви стане јасно зошто дебатната култура на ВМРО-ДПМНЕ е непостоечка“.

А бе Павле, за која дебатна култура збориме? Па тоа е истата партија што на клоци ги избрка твоите колеги – пратеници пред  четири години. Истиот спикер даде наредба за таква дебатна култура. А и главнината од сегашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа таквата дебата.  Па самиот ти, Павле, си жртва на дебатната култура на ВМРО-ДПМНЕ. Допрва ќе се влечеш по судови од нивната култура.

Всушност, сите што не се ВМРО-вци се  жртви на културата на насилство што ВМРО-ДПМНЕ така бесрамно ја демонстрира 10 години. И уште се чудиме како можат така. Е па еве – можат. И збориме за срам и за морал. Да имаа срам и морал, зарем ќе имаше предвремени избори?  Да имаа срам и морал,  зарем до сега немаше веќе да има и ново собрание и нова влада?

Велат – ова никаде не било. Ова било лудило. Ова било апсурд.

Не е точно. Ова е најстудено, најрационално и најпресметано однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. И ситуацијата не е хаотична. Ситуацијата е баш таква каква што ја сака Никола Груевски. Затоа што не сака да ја даде власта. Затоа што не сака да оди во затвор. И никој власта не може да му ја земе. И додека сите апелираат да ги прифати резултатите од изборите и мирно да ја предаде власта, тој ја држи со сила. И отворено си кажа дека ќе оди до крај.

Е па, чудете се.

3 Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ го брани својот интерес. И со тоа ги брани интересите на своите 450.000 гласачи. Ама што прави мнозинството од 67 пратеници во Собранието за да ги одбрани интересите на речиси 700.000 гласови што ги претставува? За ВМРО-ДПМНЕ викаат: „Како не им е срам!?“ Па поминаа две и пол години како ни покажуваат дека немаат срам. Зошто сега во Собранието би се засрамиле?

При онаков резултат од изборите и при она оружје како што се бомбите, СДСМ уште се однесува како да е жртва. Наместо самите да наметнат тема, СДСМ реагира на темите што им ги наметнува ВМРО-ДПМНЕ. Четврти месец по изборите се дебатира за темите што ВМРО-ДПМНЕ ги измисли и ги наметна. Почнаа со федерализација, па двојазичност, па Тиранска платформа, па сега „Патоказ“ и нови избори.

СДСМ заборава дека има само една тема што е важна – муабетите за криминалот што ги слушнавме во бомбите. Зошто се срамат од говорница повторно да ги чуеме „а војна да направиме“, „за џабалак сум го купил“, „да не е многу пет посто“, „ало началниче“, „Миле, ми текна“, „пиштење вриштење че има“, „човечиња“, „се нервирам со Шиптариштава“, „да не ја тупиме многу – со динамит да ја рушиме“, „да видам во тефтерчето за судиите“, „ова Индијанциве во Собрание“…

Да се сетиме зошто сме дојдени до ова дереџе. И секој ден да се потсетуваме зошто Груевски и неговите се плашат да ја напуштат власта.

Освен оптимизмот на Заев дека ќе почне нов живот, друг знак за тој живот не сме виделе.

4 Како што тргнала работава, утре Заев и кафе да нарача во собраниското бифе, келнерот ќе му побара потпис од 67 пратеници. А овој уште и ќе дебатира со него. И ќе вика „Трпение – доаѓа нов живот“.

И додека СДСМ се чуди за неморалот, ВМРО-ДПМНЕ цели четири месеци откако го изгуби мнозинството во Собранието уште владее со државата. И тоа како владее. Не само што Груевски се однесува како премиер. Туку дури и македонскиот амбасадор во Турција се спотерал да долета од Анкара до Истанбул за да му ги носи куферите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на патот за Малта.

5 Кога ги видов насловите во патриотските медиуми: „Така се сака Македонија – и Цеца стави македонско знаме врз себе“, сфатив дека ова веќе не е ни политички, ни економски, ни културен распад на државата. Ова е морален распад во секоја смисла.

Еве во каква калакурница се претвори Македонија. Претседател – правник го крши правото и не го почитува Уставот. Лидерите на црната револуција, во која маршираат ВМРО-вските директори и администрацијата, се облекуваат како левичарските икони Че Гевара и Фидел Кастро, а бранат криминална црна десница.  А македонските патриоти на кои им пречат комшиите и Македонци и Албанци што не мислат како нив, за херој прогласуваат српска националистка која за пари се покрила со македонско знаме.

Тука веќе не помага ни хумор, ни сатира, ни смисла за хумор, а богами ни дијазепам.

Може евентуално да помогне  само говорот на една Охриѓанка од патриотските собири, која се отселила во Германија уште во 1971 година, и која како аманет порачува:  „Чувајте ја Македонија од овој народ!“. И која на гробот на мажот ѝ во Германија носи камења од охридските плажи. Вели, таа би се вратила тука, ама не може оти и гроб во Германија си купила.

Како што патриотски би запеала националната дива Цеца: „Ој Македонијо, трагедијо неопевана“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира