АД-ХОК ЕЛЕМЕНТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:134:"Перверзноесосвоипаридасијаплаќашрекламатазасопственоторопство

1 Четири неспоиви елементи го бараат петтиот елемент за да ја спасат демократијата во Македонија. Не е сценарио за научна фантастика. Тоа е некакво многу важно ад-хок тело што треба да го следи известувањето на медиумите во Македонија пред избори. И тие четири елементи со денови  бараат додаток како ад хок петти елемент,  за да може да профункционира демократскиот систем. A петтиот елемент мора да биде Албанец.

И демократскиот систем им се состои во тоа да бројат до 10. Оти ќе се казнуваат медиумите што ќе направат 10 грешки. За девет грешки нема казна. И така, четворицата што не можат да се договорат околу петтиот, после заедно со него консензуално ќе одлучуваат кој згрешил девет, а кој само осум пати. И што е грешка, a што не е. И тоа ќе го прават 100 дена. И така, ова тело ќе обезбеди услови за фер и демократски избори на кои сите ќе им веруваат. И сто и првиот ден медиумите во Македонија ќе бидат ептен слободни. Па така ад – хок ќе станеме и демократска држава.

Ај, доста беше. Пак се претера со нoвинарството. И со демократијава ќе претераме. А да се распушат тие уште пред да се формираат? Дај нека се растурат уште несобрани, да не арчиме пари сега и за нив за џабе. А и времето ни го губат.

2 Што повеќе демократски тела ни смислуваат, тоа помалку демократија имаме. Како и сѐ друго во Македонија, во која сѐ е некако обратно пропорционално.

Имаше Олимпијада. И? Што повеќе спортски сали и терени испоотвори Никола Груевски, толку послаби спортски резултати постигнуваме.

Што повеќе земјоделски субвенции се даваат, толку повеќе увоз на овошје и зеленчук имаме.

Сѐ повеќе субвенции за добиток, сѐ помалку крави во државата.

Колку што повеќе се фалат дека има зголемен сообраќај на Скопскиот аеродром, толку повеќе иселени од Македонија.

Што поголеми награди на музички фестивали, толку помалку хитови.

Што повеќе тениски терени во селата, толку повеќе неисчистени канали околу селата.

Колку поскапи нови туристички етно села, толку повеќе запустени вистински села.

Што повеќе насадени дрва и неработни денови на дрвото, сѐ посоголени шуми.

Така и ова со медиумите. Имаме една агенција за медиуми на која што медиумите не ѝ веруваат, зошто да немаме и привремени агенции, тела, комисии… ? Што повеќе ад хок тела, тоа полоши медиуми.

3 И Силвана Бонева, член на Државната изборна комисија и долгогодишна пратеничка, мисли дека си го губи времето со тоа што оди на распит во Специјалното јавно обвинителство. Рече дека специјалните обвинители правеле медиумски циркус.

Циркус е ако новинарите ги снимаат осомничените за криминал или сведоците кога влегуваат на распит во седиштето на СЈО. А не било циркус кога Силвана како пратеничка наплатувала по 20.000 евра за патни трошоци до Струмица. Циркус е кога специјалните обвинители истражуваат криминал кој може да се насети од прислушувани разговори. А не е циркус кога пратеничка од владејачката партија му кажува на премиерот дека нејзин сопартиец, исто така пратеник, ги изрекетирал сите фирми во Струмица. Не е циркус кога пратеничката вика „Не остана ни една фирма неизрекетирана“. Не е циркус и кога пратеничка кажува дека имале состанок и се договориле „веќе да не рекетираат“. И не е циркус кога премиерот ѝ објаснува на пратеничката дека тоа што таа вика дека е рекет, со партиски речник кажано се вика – спонзорство.

Не било убаво што сега сме ги снимале кога одат на распит во СЈО. А убаво ли било да се краде? Убаво било да се рекетира? Убаво било да се местат избори? А најубаво било да нѐ снимаат со години.

4 Британски „Гардијан“ објави приказна дека во некои фабрики за чевли во Македонија, каде што се изработуваат луксузните италијански брендови, платите на работничките биле нешто над 8.000 денари.

Трагедијата на овие работнички е што, работејќи за оваа минимална плата во мизерни услови, тие заработуваат и за да ѝ платат давачки на државата за да може да ја исплаќа цела онаа гласачка машинерија, што ВМРОвска, што ДУИрамковна јавна администрација.

Уште поголема трагедија е, ако овие работнички мора да се задолжат во партијата на власт со тоа што ќе ветат кој 20, кој 30 сигурни гласачи, за да можат да обезбедат нивните синови или ќерка да се вработат во јавна администрација, барем за просечна плата, за да не се мачат како нив.

А најголема трагедија е што нивните пари, влезени во буџетот на Македонија, Владата ги користи да ги рекламира како евтина работна сила по разни „Си-Ен-Ен“-и, за која вреди да се инвестира во Македонија.

На крајот на денот, тоа е приказната за работничките чија што едномесечна плата е помала од цената на чевлите што ги произведуваат. Перверзно е со свои пари да си ја плаќаш рекламата за сопственото ропство.

5 Претседателот Ѓорге Иванов вчера беше кај Ердоган. Соопштија – остварил работна посета. Оти тука му е сѐ сработено. Па отиде да работи во Турција. Груевски таму одмараше, а некој мора и да поработи во време на вонредна состојба.

Којзнае со какви нови идеи за развој на демократијата ќе ни се врати претседателот од Истанбул. Тој е познат по логични толкувања на настани и термини. Уште во 2009 ни ја кажа дефиницијата за македонската демократија. Дека е како реклама за „космодиск“. Шашаво е, ама функционира. Потоа, откако се прослави со толкувањето што е разумен компромис, не можеме да го сопреме. Дотуркавме до таму дека со помилување на осомничени за тежок криминал ќе направел национално помирување.

Во меѓувреме, раскажуваа и дека одел по земји и раскажувал приказни за Александар Македонски. Па остана приказната дека Пакистан го добил името по тоа што Александар на своите војници им викал „Пак ти стани“. Сега, по работната посета на Турција во вонредна состојба, ќе дојде со ново толкување на зборот демократија. Што е сложенка од прашање и одговор: Демо? Крати ја!

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира