ДОЛГИ НОЖИЊА

Можете ли да замислите каде ќе беше Македонија и каде ќе бевме сите ние сега, ако на Ѓорге Иванов и на неговите им успееше планот на 27 април?

ДОЛГИ НОЖИЊА

1 Годината си заминува заедно со заминувањето на Никола Груевски. Богами, сериозно нѐ измалтретира. Мачно беше неговото заминување. Најмалку три години чекавме да ја видиме сликата што можеби ќе одбележи крај на една ера. Онаа на која Груевски си заминува од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово. Со ножињата в грб, како што си поплака од говорница. И тоа од неговите. А до лани ова време уште беше моќен да се заканува со ноќи на долги ножеви.

Ама, новото лидерство на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека Груевски си замина, но тие активно работат за груевизмот да продолжи да живее. Опозицијата бара од Владата да влијае на судот за да ги ослободи од притвор 36-мината обвинети за организираниот напад на Собранието, осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок. Како во времето на груевизмот. И според тефтерчињата на Гоца. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат од човекот Зоран Заев да ги ослободи тие што беа тргнати да го убијат. Ама пострашно е што од премиерот Зоран Заев бараат да му нареди на судот да ги ослободи тие што тргнаа да го уриваат уставниот поредок.

Значи, ВМРО-ДПМНЕ инсистира Заев да продолжи со груевизмот, инаку пратениците не се враќаат во Собранието. И се обидува тоа да ни го прикаже како конструктивност.

2 На продолжување на груевизмот инсистира и претседателот Ѓорге Иванов. Истиот Иванов кој е еден од генераторите на груевизмот. Претседателот кој прво аболицираше осомничени за тежок криминал, потоа одбиваше да го даде мандатот на Заев затоа што Груевски не можеше да собере мнозинство во Собранието, па ги поддржуваше тие што заговараа и на крај го изведоа нападот на Собранието, сега и во годишното обраќање во Парламентот го продолжува груевизмот. Со инсистирање дека ако им се суди на тие што го нападнаа Собранието, тоа ќе биде политички реваншизам. Оти тие биле патриоти заведени од емоции.

Иванов упорно збори за помирување. А помирувањето што го нуди е – или груевизам, или пропаст на државата.

3 Не станува збор за реваншизам. Реваншизам ќе има ако Иванов и неговата партија успеат да ни ја продадат приказната дека на 27 април ништо страшно не се случило. И ако секој не си ја добие заслужената казна за организираниот напад на Собранието.

Впрочем, можете ли да замислите каде ќе беше Македонија и каде ќе бевме сите ние сега, ако на Ѓорге Иванов и на неговите им успееше планот на 27 април? Ајде малку за тоа дебатирајте.

4 Признанието „ВМРО на неделата“ овојпат оди кај министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Кој наоѓа смешни оправдувања зошто нешто не направил, а ветил дека ќе го направи.

На пратеничко прашање за евентуални отстранувања на спомениците од „Скопје 2014“, Алаѓозовски, меѓу другото, одговори дека „покренувањето на сценариото за отстранување на спомениците ги доведува во прашање и безбедносните аспекти и можноста на таква интервенција“. И објасни дека „во ситуација кога цел град се гуши во прекумерно загадување, не би било паметно, особено што ќе се ослободат штетни честички“.

ПМ честичките го спасија Ќосето од дислокација.

По сѐ изгледа, следниот конкурент за „ВМРО на неделата“ ќе биде министерот за финансии Драган Тевдовски. Кој ќе треба да одговори на прашањето: Каде е бројчаникот што треба да брои колку од украдените пари се вратени во буџетот? Бројчаникот нешто слабо врти. Иде Нова година, дај малку да се порадуваме на бројчаникот. Или, тој врти, ама ние не ги гледаме бројките од ПМ честичките?

Живот дојде. Ама, без пари не се живее.

 

Драги мои,

Лошото оставете го во 2017. Да сме живи, здрави и весели оти и 2018 брзо ќе помине. Уште само едно обраќање на Иванов и еве ти ја 2019.

За време на празничните денови потсетете се на најчитаните колумни и текстови објавени на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2017 година. 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира