1 Како што тече кампањата, ВМРО-ДПМНЕ ја добива битката за обесхрабрување на неопределените да излезат на избори. Успева со својата бучава да им го земе просторот на политичките противници. Нема тука дебата, нема полемика, нема контрирање со ставови, нема понуда… Има само истурање гадости. Што повеќе гадости, за нив повеќе радости. Како последица на таа безобразност што ја демонстрира во кампањата, веќе се чувствува замор кај нормален, просечен гласач. Гасат телевизор и викаат: „Сите се исти“.
Мене не ме изненадува упорноста со која Христијан Мицкоски се прави како да не е од тука. Како да е лидер на некоја нова партија, а не како на партија што буквално ја закопа државата. Да ти го губи времето по стоти пат објаснувајќи се за работи за кои нормален човек веќе си има изградено свое мислење. Зарем треба допрва да ја отвараме темата за убиството на Мартин Нешкоски? И кој ја отвара? Тие што го убија детето на сопствената прослава, па после се нервираа дека не можеа да скријат едно убиство. И сега, оти нели, тие не се од тука, го прашуваат СДСМ што се случи со вистината за Мартин Нешкоски.
Колку треба да си без образ, да прашаш до каде е случајот со Никола Младенов? Кој прашува? Лидерот на партијата која додека беше на власт ја зашутка истрагата за сообраќајката што се случи меѓу двата изборни круга во 2013 година. На локалните избори кога ВМРО-ДПМНЕ го пресели цел Пустец во Скопје за го доврши грабежот со „Скопје 2014“, кога снемуваше ливчиња и „Циганите ги влечеа за уши“.
И сега, тие ќе го враќаат достоинството на граѓаните оти биле понижени. Што е понижување? Членството во НАТО? Не беше понижување маткањето по ходници низ Брисел и Вашингтон и давањето изјави на улица пред некој хотел. Ама, понижување е кога македонското знаме се вее заедно со 29 знамиња на држави во НАТО. И понижувачко е кога македонски претставник седи на иста маса со колегите од 29 држави од најмоќната политичка и воена организација во светот. И замисли, ВМРО наметнува дебата за тоа!?
Ама, тоа е целта на бучавата што ја создава ВМРО-ДПМНЕ. Да се зборува гадно. Да се блуе отров. Да се спушти нивото на расправа на лична караница. Бесрамно да се лаже. Да се создаде впечаток во јавноста дека нивното ненормално терање кампања е нормално. Не одат тие на варијанта дека сме заборавиле како владееле. Туку дека тоа што го правеле 11 години било нормално. И сега, ни нудат да се вратиме во старата нормалност.
2 Дали сега го чувствувате тој притисок пред избори како пред секои избори што 11 години ги организираше ВМРО-ДПМНЕ? Кој денес треба да донесе список и да гарантира за минимум 10, 30, 50 гласачи за владејачката партија? Кому му се заканиле дека ќе изгуби работа во јавна администрација ако не донесе доволно сигурни гласачи оти партијата му дала работа? Кому му се заканиле дека нема да му го лекуваат детето?
Денес, најголемиот грев што Антикорупциската комисија го споменува е дека некои функционери ги користеле службените коли за партиски цели. Заборавивме дека вмровската локална власт градските автобуси ги носеше на протест пред СДСМ. Заборавивме на оној претседателот на Антикорупоциска што не смееше ни зборовите ВМРО и Груевски да ги спомене „за век и векова амин“. Заборавивме дека на антикорупциската комисија не смееше ни прашање да ѝ се постави. Медиумите со наши пари беа претворени во „куртон вести“.
Во која нормалност треба да се вратиме? Во онаа кога во предизборието ќе нѐ фрлаа во ендек „сосе жената, сосе децата“?
3 Пред четири години баравме нормална нормалност. Држава која нема да биде заробена од владејачката партија. И држава во која ќе владее неселективна правда.
Најголемото разочарување од СДСМ не доаѓа од она што сега го слушаме во муабетите што ги снимале другарчињата на Зоран Заев додека седел со нив во кафеана. Најголемото разочарување е затоа што правдата која сите ја баравме не дојде. Уште и шуруваат со криминалци за чии криминали слушавме во бомбите во 2015 и за кои ветија дека ќе има судска разврска, па и бројчаник за вратените украдени пари.
Да. Тешко е. Не може правосудниот систем кој беше киднапиран од злосторничко здружение што ја владееше државата да се реши преку ноќ. Особено ако сакаш да го реформираш системски, а не со тефтерче. Тие инсталации уште се моќни и активни.
Но, ако за тоа може да се најде разбирање, разочараноста кај неопределените, кај граѓаните што не се во ниедна партија и кај тие што сега најлесно наоѓаат опрадување зошто не би излегле да гласаат на 15 јули, е поголема затоа што СДСМ не се откажа од политиката што ја практикуваше ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена да поставува на директорски места партиски апаратчици, макар биле и медиокритети и неспособни подлизурковци. Тоа е партиска матрица што не ја измисли ВМРО-ДПМНЕ, но ја доведе до совршенство, а СДСМ само удобно ја наследи.
Разочарувањето е дотолку поголемо дека Зоран Заев имаше храброст да направи историски подвиг да ја внесе земјава во НАТО и да ја осигура безбедноста на државата, ама не смогна сили веднаш да ги смени партиските луѓе кога ќе се покажат неспособни или корумпирани.
Партијата е главна. Институциите се заробени. Уште важи правилото „Кој е таму наш?“. Или,„ Супер е човекот, ама не е наш“. Уште се користи нахалниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ – Ние му дадовме. Кој сте тоа вие што давате? Чии пари давате? Од чии пари се делат субвенции? Од чии пари се делат тендерите? Со чии пари измислувате вработувања за државни плати? Тоа се наши пари што само сме ви ги дали да ги менаџирате, оти сме мислеле дека ќе ги менаџирате подобро од Груевски. И дека пристап ќе имаат сите подеднакво и неселективно. Според вредност и стручност.
Од памет се извадив кога еден дописник ми кажа дека дури и лекарите и сестрите, што од болниците во внатрешноста ги селат ви Скопје да помогнат во Инфективната клиника и болницата „8 Септември“, директорот ги избирал по принципот пола-пола. Двајца од СДСМ, двајца од ВМРО-ДПМНЕ. Баш така, како што на почетокот на коронакризата ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека става на располагање два стручни тима од „нивните лекари“. Срам ми беше тоа што го слушнав и еве, признавам дека од што се разочарав, решив и да не го објавам. Оти, тие се професионалци што изгинаа последниве 4 месеци.
За каква „нема правда нема мир“ зборуваме кога и сега, по сите гадости што ги слушнавме, па и ги чувствувавме од времето на режимот на Груевски, сфаќаме дека ако партијата реши да го покрие криминалот, тогаш ќе нема правда. А ти, како непартиски никогаш нема да дојдеш ни до правда ни до соодветно место за својата стручност.
Заев од предизборните собири вика „Можеме“. Секоја чест. Докажа дека може да нѐ внесе во НАТО, да реши тридецениски спор што беше заверен во Обединетите нации. И докажа дека можеме да бидеме добри соседи, отворени луѓе, без предрасуди кон различностите… Слободни сме. Ама, дури и тоа што треска глупости во кафана па после се извинува, не ме вознемирува толку колку што ме вознемирува искуството дека секој од нас барем еднаш се соочил со сознанието оти партијата го победува граѓанинот. И дека како што партискиот интерес ја победува правдата, така и интересот на партијата го победува јавниот интерес.
Ако стварно можете, тогаш докажете со дело. И ветете дека ако победите, стварно ќе ја департизирате државата. Оти, џабе ќе ви биде преговарачката рамка со ЕУ.