1 Груевски направи уште едно херојско дело. Се јави на распит по барање на Специјалното обвинителство како осомничен во предметот „ТНТ“ за уривање на објектот Космос од политичка одмазда. Тоа беше оној предмет кој го паметиме од бомбите по легендарните изјави на Груевски „Миле ми текна“, „Му тече низ ногавици“, „А да го смениме ГУП-от„ и „Одма со динамит –да не го тупиме многу“.
Груевски го испочитува судот. Тоа беше насловот што се појави кај куририте уште пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и бивш премиер да се пофали дека го почитува судот, да го исплука Специјалното јавно обвинителство и да се пожали дека наместо да работи сега ќе морал да се правда по судови и да дава изјави. И на крајот на изјавата филозофски заклучи: „Тоа е времето во кое што живееме“.
Е па, такво е. Времето во кое тој е повеќе од десет години на власт. Е па, такво е времето кога медиум за вест и за натприродно чудо го смета тоа што Груевски го испочитувал судот, па тоа го става во наслов. А кој е Груевски за да не го почитува судот? И зошто, кога илјадници граѓани секојдневно го почитуваат судот тоа не е вест вредна за наслов.
Еден наслов – Фројдовска грешка. Многу кажува. За времето во кое живееме.
2 А вистинскиот херој оваа недела е претседателот Ѓорге Иванов. Кој пак се предомисли. Прво направи аболиција. Потоа половично ја повлече. Па ја завлече. И на крај, во понеделникот целосно ја повлече. Тоа го направи со истите аргументи со кои ја донесе одлуката за помилување на 56 лица уште на 12 април. Веќе нема криза, а и ако ја има, институциите на државата можат да се справат со кризата. А и македонското национално единство веќе е постигнато.
Не поминаа два дена по одлуката за пишман аболицијата, Кабинетот на шефот на државата распиша конкурс за учество на школата за млади лидери на претседателот. За очекување е на конкурсот да се пријават млади студенти што не се во притвор, или на кои не им се заканува кривично гонење. На пример, студентот по право Борјан Ефтимов што прв беше осуден на условна казна затвор и отседе 4 недели во домашен притвор за демолирање на канцеларијата на претседателот. Борјан е студент по право. А претседателот Иванов е професор на Правниот факултет. Бидејќи Борјан е првиот што ги почувствувал практично последниците од лидерството на Иванов, ќе може сега од професорот Иванов и теоретски да научи за владењето на правото во демократските држави и за принципот за неселективна казнивост и неказнивост.
И членовите на Левица Владимир Куновски и Здравко Савески можат да се пријават на конкурсот за млади лидери на претседателот Иванов. Школата е во Охрид, пасошите што им ги одзеде судот не им требаат за да учат лидерство, па после 47 дена куќен притвор и тие ќе можат да дадат придонес во расправата за неселективна правда. Башка, Здравко му е бивш студент на Иванов. Сигурно му е идол .
На конкурсот за млади лидери можат да се пријават сите што лично ги почувствувале придобивките на лидерството на Ѓорге Иванов. Само сведокот Коста Крпач, за жал, не може да присуствува на наставата. Него лидерството на претседателот го чинеше живот.
3 И како тоа сега пу-пу , не важи? Џабе ли толку боја се истроши? Џабе Коце Трајановски со црево го миеше плоштадот? Џабе учителките со сунѓери ја триеја Порта Македонија? Џабе 33 демонстранти во Битола и во Скопје добија кривични пријави? Направи државен бунт, па после се премисли. Сега, бидејќи си ја призна вината, нека си извади Ѓоле пари од дома и нека оди до кафулето кај што се собираат донации за плаќање на казните. И нека ги помилува демонстрантите со кривични пријави, а на оние што одлежаа притвор нека им исплати оштета. Оти ги казнуваат за нешто што не морало да се случи. А се случи по негова вина.
Ова е правна држава. И, како рече претседателот ? Никој не е над законот. Така што, сега очекувам полицијата него да го викне на информативен разговор. И да му каже колку треба да плати според законот за јавна чистота. Ако нема пари, нека ја избере алтернативната казна – општествено корисна работа. Не мора да ги чисти фасадите. Доволно ќе биде само повеќе да не оди на работа. И да престане да се меша во државните работи. Најкорисна работа за општеството би било да се повлече од функцијата.
4 Почна трката за нов ректор на најголемиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Еден ден откако со спектакуларна акција и со маскирани вооружени специјалци беа приведени седум професори на Економскиот факултет осомничени за примање мито за преодни оценки, имаше дебата со четворицата кандидати за нов ректор. Ниту еден од нив не сакал да одговори на прашањето: Како ќе ја брани автономијата на универзитетот?
Професорите се практични. Знаат дека не може да се брани нешто што не постои.
5 Уште малку за времето во кое живееме, на кое така филозофски се осврна херојот Никола Груевски.
На 9 јуни да ти било Спасовден. И што беше веста со која што почна денот? „Денеска е Спасовден, што треба да прават мажите, а што не треба да прават жените“.
И после некој ќе рече дека немало слобода на медиуми.
Не ќе да е само до Груевски. Има нешто и во нас. Особено ако постапиме според упатствата на веста на денот. Дека мажите на овој ден не смеат да се бричат, а жените не смеат да се бањаат. И дека ако спиете преку овој ден, ќе сте ја преспиеле цела година.
Тоа упорно инсистирање, а богами и прифаќање сите да се однесуваме како оперирани од мозок, ме вади од памет.
6 Единствениот ВМРО-вец што не го зафркнала гатачка и затоа не згрешил е Ванчо Михајлов. Баба Ванѓа во 1944 му рекла „Оди си од Македонија“. И човекот ја послуша. Си умре во Рим на 94 години.
СЛУШАЈ ТУКА – PODCAST