КАЖИ ФАЛА

Ти на граѓаните им го одземаш квалитетот на живот, а граѓаните ти ги одземаат гласовите.

КАЖИ ФАЛА

1 Еј, ќе се повтори злото!? Па, сега ли ви текна? Граѓаните што ве донесоа на власт четири години ве предупредуваа: Внимавајте, злото ќе се повтори. А вие им викавте: Ај глеј си здравјето. Сите знаевме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати ако СДСМ не работи добро. А што направивте вие во СДСМ за злото да не се повтори?

И сега, граѓаните треба да се плашат дека ќе се врати злосторничка партија што испокраде сè – од избори па надолу и чие раководство не се ни извини за зулумите на бегалецот во Будимпешта, за организираниот напад на Собранието, за масовното прислушување, за животот во страв, за рекетирањето, за уништените медиуми, за партиското грабнување на државата… Со што покажа владејачката СДСМ дека се плаши да не се врати ВМРО? Па нивното владеење не беше борба против злото. Особено не на локално ниво, кај што се оценуваат конкретни ефекти.

Кога се сеќавам какви брутални притисоци само ние во медиумите преживувавме, не сакам ни да знам за тоа ВМРО. Зарем сега СДСМ со ВМРО да го споредувам?

Заев вети дека ќе почне со темелно чистење на системот уште по првиот круг на претседателските избори пролетта 2019, кога Стево Пендаровски освои само 4.000 гласа повеќе од Гордана Силјановска-Давкова, кога глумецот Драган Спасов-Дац му подари метла. Значи, не е дека гласачите не го предупредиле. Ама, тој со метлата само креваше прашина. Оти не сакаше да им го расипе есапот на сопартијците со сите бизнис, семејни и други приватни интереси.

И – излегоа луѓето и сами си заметоа. Кој се одмаздил поради ароганција на локалната власт, кој поради неспособниот директор што го поставила партијата да му го комплицира животот, кој поради ѓубрето што не му е собрано, кој затоа што нема паркинг, кој затоа што детето му учи во претерупана училница, кој оти во соседството ти никнала зграда и со балконот ти влегле во твојот балкон. Секој со својата мака за која власта немала разбирање. Оти мислела само на своите членови.

Уште ли не разбираат дека немаме веќе трпение да толерираме владеење само за партиски интерес? Уморни сме. Резигнирани. Кога по секое пуштање на бомбите Заев извикуваше „Да не дозволиме ова зло да се повтори“, стварно верувавме дека тоа зло нема да се повтори. Тие луѓе што сега не излегоа да гласаат, пред 4 години гласаа со надеж за промени. Сега двете најголеми партии се во пад. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори доби 50.000 помалку гласови отколку на локалните избори во 2017. А СДСМ падна за близу 180.000 гласачи. Всушност, најголемиот пораз на СДСМ е што ни ја уби надежта.

2 Заев наместо сега да вика „Кочи, Мицко“, требаше понекогаш да им вика „Кочи…“ и на градежниците кои ги нападнаа сите локации што им се сонија. Ама тој на локалните власти им викаше: „Не може да биде Не, мора да биде Да“.  А властите ги изгласаа плановите според нивните соништа, а не според соништата на граѓаните за квалитетен живот. Толку се безобразни градежниците, што дури и додека трае кампањата тие не сопреа со узурпација на јавниот простор. Власта им намигнува, обвинителство со години води предистражни постапки, а на очајните граѓани им останува сами да да си ја земат метлата в рака. На избори.

Нема што Заев да се чуди зошто изгубил толку гласови, дури и во средини каде што СДСМ традиционално победувал. Нема што тука многу да се филозофира. Ти на граѓаните им го одземаш квалитетот на живот, а граѓаните ти ги одземаат гласовите.

3 Да не урочам, можеби е рано да се зборува за нова надеж кога се гледа успехот на независните групи избирачи кои освоија шеесетина места во Советите на општините. За нив гласаа 65.000 луѓе. Во десетина општини тие ќе бидат одлучувачкиот фактор за мнозинство. Овој успех го постигнаа без пари, без скапи кампањи, без телевизиски реклами, без организациска структура. Тие луѓе не нудеа вработувања и членства во управни одбори. Понудија идеи како да ги заштитат граѓанските интереси со препознавање на локалните проблеми.

Нивните  65.000 гласови и 60.000 неважечки ливчиња покажуваат дека граѓаните се ежат кога ќе им се спомне партија и се грозат од партизацијата на сè и сешто. Ама, не сум сигурен дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се спремни да се откажат од нивната политика на одгледување партиски клиенти што ќе им бидат гласачка машина. Убеден сум дека наместо да ги прифатат, тие ќе пробаат да ги задушат. Како што пробаа да ги спречат непосредно пред изборите, кога сакаа да го подигнат прагот за собирање потписи.

4 Светска криза е, сè поскапува, ковидот уште ги полни болниците и гробиштата, од јануари ќе биде уште потешко, а кај нас власта и опозицијата се силат со предвремени избори. Имаме ли право ние барем една година да проживееме без избори? Башка, да се само избори. Малку ни е што доживеавме Мицкоски да ни зборува против бетонизација и против „мафија на власт“ и да се среќава со Зијадин Села на местото на злосторот во Собранието, па сега уште и одново ќе треба да се занимаваме со нивните лидерски средби во Клуб на пратеници, па избор на Пржинска влада, па овој министер не збори со заменикот, па оној другиот не збори со премиерот, па ќе  се бркаат министрите и заменските министри во МВР, ќе си ја докажуваат надлежноста министрите за финансии и министрите за труд и социјала… И згора на тоа уште и Албанец премиер шесте месеци треба да има пред избори. „Псе јо“ беше тоа на Ахмети, нели…

Локалниве избори покажаа дека најмалку 120.000 гласачи немаат нерви за тоа да го издржат.

Зошто е толку страшно ако во демократска држава се изгубат локални избори? Мора ли баш сè да биде толку драматично па „паѓа Шилегов, паѓа Влада“, или толку историски значајно, па од промената на локалните власти да зависи иднината на државата? Ич не му држи логиката на Заев. Ако падне Владата зашто паднало Скопје, значи ли тоа дека СДСМ нема да учествува на евентуални предвремени парламентарни избори? Оти, предвремени локални избори секако не може да има. Бил тој премиер, или не, и решил ли да нè малтретира со вонредни избори или не, вмровската локална власт секако ќе остане следните четири години.

Заев има уште многу проекти кои ветил дека ќе ги заврши и за тоа ја доби довербата на изборите лани. Не може сега да бега по само една година оти не му се допаѓа математиката. Има уште речиси три години до крај на мандатот – нека си се консолидира. И нека им каже фала на гласачите што му отворија очи.

Башка, чекај да ги видиме и новиве вмровски кадри како ќе владеат во општините што ги освоија. Нека ги извадат списоците за смени по градинките и училиштата. Нека стават нови директори по комуналните претпријатија. Нека изасфалтираат сè што ветија со сопствени општински средства.  Нека создаваат „нова иднина“ со бришење на „Северна“ од таблите и со отстранување на албанскиот јазик. Па и Данела ако победи, да видиме како ќе ги купи 250-те автобуси за бесплатен превоз на скопјани. И гасот ќе го обезбеди. Уште не се вратил Груевски да ѝ одобри пари од државниот буџет. А и Миле уште е во куќен притвор, па не може да се вози низ цело Скопје ко што се возеше со кинеските двокатни што се распаѓаат.

На крајот на краиштата, да видиме дали злото стварно се вратило, оти веќе ги вадат списоците за отстрел на неистомислениците.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира