МАЛКУ ТРУДНА

Замислете да беше премиер

    МАЛКУ ТРУДНА

     

    1Зошто викаат дека Избирачкиот список бил хаотичен? Ова не е хаос.  Да беше хаос, ќе беше подобро. Оти хаосот, кога – тогаш, може да се среди. Напротив. Избирачкиот список е многу прецизно, педантно направен со системска операција. Се гледа дека на него се работело одговорно и посветено. 24/7. Гласачи има секаде каде што треба. Само во скопски Центар малку утнале. Замислете колку работа имале. Требало низ цела Македонија да се најдат напуштени куќи, да се евидентираат државни станови, да се искористат промените на имињата на улиците, да се испита во која амбасада и во чија странска резиденција може да се смести по некој станар. Капата долу. Добро завршена работа.
    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вели дека не гласаат адресите туку луѓето. Така е. Затоа по 127 луѓе се запишани на иста адреса. Затоа по 50 луѓе живеат во ист стан. За да гласаат. Како што треба.

    2Власта вика дека и да имало некакви недостатоци, тоа не може да ги оспори изборните резултати. Затоа што разликата не била 1, 10 или 100 гласови туку дури 200.000 гласови повеќе од СДСМ. А помалите партии каде се? Каков ќе беше распоредот на пратеници да ги немаше овие граѓани за кои Груевски вели дека заборавиле да го пријават новото живеалиште?
    Башка што лицитирањето со бројки и со изборните победи е глупав муабет. Тоа дали биле 200.000 гласови или само 200 гласови е исто како да спориме дали девојката е многу трудна, или малку трудна. Е па трудна е. Лажирањето избори криминално дело ли е, или не е? Голем криминал е, или мал криминал? Се оди во затвор за тој криминал, или не се оди? Имало изборен фалсификат, или немало? На крајот на краиштата не е важно кој со кого се сликал и дали тие на сликата меѓусебе се познавале или не. Битно е дали заедно правеле криминал.
    Па уште викаат дека крадењето на избори требало да се докаже. Дека напиканите 50 луѓе во државен стан среде Центар во Скопје не било докажано. Кој да докажува? Комшиите што на исто избирачко место не си ги познаваат педесетте станари од истиот кат?
    Што туку мудруваат и раскажуваат за изборни резултати. Се знае како се издава лична карта. И по име и презиме можат да се најдат сите државни службеници што се вклучени во процесот на издавањето лични карти. Поедноставно – здравје.
    Не зборуваме сега за изборен резултат. Зборуваме за сериозни сомнежи за изборен фалсификат. И поради тие сомнежи цела меѓународна заедница се потегна да ни го чисти избирачкиот список и да ги лови осомничените крадци на досегашните избори. За изборен резултат ќе збориме кога ќе имаме чист Избирачки список. И кога крадците ќе бидат фатени и осудени.

    3 Интернет страницата со Избирачкиот список е новиот македонски Фејсбук. Пронајди си пријател. Пронајди си комшија. Пронајди си цимер. Пронајди си кираџија. Пронајди си со кого спиеш… Откако ДИК го објави списокот, интересот за пребарување по него беше толку голем што страницата  неколкупати паѓаше.
    Зошто паѓа системот на ДИК? Како зошто? Па поради довербата на граѓаните во власта.

    4А за претседателот Ѓорге Иванов никој не прашува. Ене го, по којзнае кој пат отиде во Азербејџан на редовни демократски консултации со Илхам Алиев. За изборниот резултат на Иванов никој не се потресе. Па и тој резултат е добиен според овој список на гласачи.
    Ако. И понатаму нека го сметаат за неважен. Ама веќе идната среда Уставниот суд ќе му даде право да може да ги амнестира и осомничените за изборен криминал. Во историјата на демократска Македонија ова ќе биде најбрзо донесена одлука на демократскиот Уставен суд. Зошто брзаат судиите? Затоа што Ѓоле треба да ги помилува тие што му наместија да победи со ваков Избирачки список.

    5Не се согласувам со тие што велат дека тоа што го гледаат на телевизиите е реално шоу. Не е. Ова е надреално шоу. Секое сабајле прво ги менаџираат утринските програми со јавувања на граѓани. А навечер ги менаџираат вестите.
    Што се случува? На Канал 5 уште рано сабајле отвораат некои теми. И се јавуваат граѓани и, да речеме, ја фалат статистиката дека се намалила невработеноста. Арно ама, после продолжуваат да ја кажуваат приказната за 200.000 разлика во гласови. И водителката ги прекорува: „Госпоѓо, или господине, за темата Избирачки список ќе збориме после 9 саат. Од седум до осум збориме за вработувањата“. Нема лабаво. И за фалење на Владата треба да се има „мој термин“.
    Навечер на вести се појавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалници и со директори, и решава проблеми на граѓани. Како драмска секција пред камери. А новинарите имаат домашна задача, состав по мајчин јазик. Шета Груевски озвучен со бубачка, се распрашува за проблемите на граѓаните, а човечињата околу него му даваат отчет пред камера. Спире, може тоа да се заврши брзо? Ивица, до каде сме со таа работа? И тука пред камера тие спонтано му кажуваат што е проблемот, а лидерот спонтано го решава.
    Другата вечер, повторно на вести, новинарите со домашната задача по мајчин јазик кажуваат дека проблемите од вчера веќе се решени. Како бе така? Вчера на вести ветено, а денес веќе остварено. Како може шеф на партија денес да вети, а државата утре да му го исполни ветувањето. Груевски ги решава проблемите за само еден ден сега, кога е само лидер на партија. А замислете да беше премиер.

    6Тоа министрите, замениците, пратениците, градоначалниците, советниците, директорите, лекарите што секој ден на вести му играат пиперевка на Груевски, ич не ги жалам. Си ги знаат тие способностите. Ни нивните баби во најубавите соништа не можеле да видат до каде ќе им дотуркаат внуците, да не бил Груевски да ги постави таму каде што се.
    Туку повеќе си се жалам себеси оти безочно ни ги трошат нашите пари. Оти Груевски не се крие дека од позиција на партиски лидер ја тера државата да интервенира за да победи неговата партија. А и телевизиите не кријат дека промовираат државни активности по налог на партиски лидер. И тие, во занесот да покажат колку им е добра домашната, прават грешки. Па пренесуваат изјави од задоволни граѓани што на Груевски му се обраќаат со „премиере“. Кога го испраќаат му викаат: „Фала ви, премиере“.
    Така што ич не ми е гајле што градоначалници избрани од народот со чист Избирачки список и во кристално чист изборен процес примаат наредби од лидерот на партијата. И јасно ми е дека оние граѓани што чекаат „мој термин“ за да се јават на утринските програми не прават разлика што е држава, а што е партија. Ама затоа, пак, големо гајле ми е што сите ние ја плаќаме кампањата на ВМРО.

    7Само на Никола Тодоров, одвреме-навреме, не му оди се по планот. Пациент кому требаше да му биде трансплантиран бубрег од мајката, умре чекајќи го новиот центар за трансплантација. Не го испратија во странство. Се повтори судбината на Тамара. И неа не ја пратија во странство. Си умре детето, чекајќи го новиот центар за сколиоза.  За реклама си умреа. И останаа пари на Владата за позлатената ограда.

    8Груевски нема да им купува розови очила на студентите, оти партијата нема пари за трошење на глупости. Ама затоа вети дека корекцијата на видот ќе им ја плаќа државата.
    Во која пора од секојдневното живеење не се имаат замешано државата и партијата? Деца ни прави, пензионерите ги бања, едни ги вози бесплатно во вторник и во петок, други секоја втора среда, на жичарница ги качува, на едни стан, на други проект за куќа им дава, ни кажува што треба да јадеме, кој е Македонија, да го отвориме срцето… И така дојдовме до потребата за државен интервенционизам во очите. Добро е што ќе им ги отвора очите на студентите. Туку, што правиме кога младите ќе прогледаат?
    Два процента ваму, три проценти таму, овие и онака се наши, пет-шест проценти онаму… Тоа што ни фали ќе го напикаме по станови, напуштени куќи и во исти улици со паралелни имиња. И на 5 јуни народот ќе одлучи. Кој народ? Па оној што е прецизно и педантно дистрибуиран низ цела држава.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари