НА ШТРЕК

Да веруваме дека пасошите што сме ги извадиле денес ќе ни важат до 2034, ама да бидеме спремни дека веќе утре нема да важат.

НА ШТРЕК

1 Хит на неделата ми е една слика од македонската амбасада во Брисел. Отишол техничкиот премиер Талат Џафери во седиштето на ЕУ. Да го потврди европскиот пат на земјата. Оти, нели техничка Влада, па случајно да не скршне од патот, со него отишле и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Патем, да не им бидат џабе потрошени дневниците, отишле до амбасадата да видат како нашинците во дијаспората се сликаат за нови пасоши. Граѓанинот седи пред камерата, дипломатот фотографира, над него Бујар Османи божем заинтересирано внимава што податоци внесува службеникот во компјутерот, а Маричиќ и Џафери отстрана прават длабински скрининг на сложената операција.

Премиер, вицепремиер и министер за надворешни работи вршат увид во сликање за пасош. Да ми е да знам што ли си мислат во тој момент, овековечен во историска фотографија? Ова мора да е чудо невидено. Замисли, човекот успеал да фати термин за сликање за македонски пасош. И тоа, не во Скопје, туку во Брисел.

Всушност, оваа слика ја прикажува реалноста. На неа се гледа како функционира македонската администрација на државна плата. Еден работи, тројца гледаат. А и тој што работи, не му е баш по ќеф. Кај баш во негова смена се погоди да му дојде шефот.

2 Ај што со задоцнетата и хаотична промена на личните документи нѐ тормозат нас што останавме тука,  туку што ли им згрешиле луѓето што избегале од Македонија? За да си дојдат во земјава мора да патуваат стотици и илјадници километри за да добијат патни листови, да трошат пари што не им биле планирани за трошење, да губат работни денови, да си го планираат губењето време во Македонија… Замисли, тамошните газди да им одобрат колективен одмор на сите Македонци. Па тоа ќе биде сложено за менаџирање дури и за една германска администрација.

Туку, за да не се повтори грешката на македонскиот амбасадор во Рим, кој самоиницијативно побрзал да ја извести италијанската влада да не им ги признава важечките  пасоши со старото уставно име на 100.000 македонски граѓани што живеат во Италија, можеби не е лошо, министерот Османи да испрати една нота до сите земји со кои ќе ги замоли, барем тие да не ги тормозат нашите граѓани.

Еве вака:

Драги пријателски и непријателски земји, стратешки партнери и останати нестратешки држави, признати и непризнати територии, ве молиме вие да им ги признавате старите пасоши на нашите граѓани, а ваши сограѓани. Немајте грижа за нас политичарите. Ние си имаме пасоши, и обични и дипломатски и службени. И ние не мора да чекаме ред за сликање. Ама, имајте разбирање за нашите луѓе што живеат кај вас. Пуштете ги да си дојдат дома да си ги сменат пасошите. Тоа се фини луѓе, почитуваат закони, сакаат да си имаат легален документ, како што вие сте им дале легални документи за престој. Патем, ќе си ги видат родителите, ќе се подружат со некое другарче што останало, ќе поправат  кров на старата куќа… Без грижа, ќе ви се вратат. Вашата земја ќе ја градат. Вам ќе ви плаќаат даноци. Тие не сакаат да живеат со нас. Тие избагале баш поради нас, политичарите.

Со почит, Бујар Османи.

Единствениот кабает на нашите што живеат во странство е што досега не си извадиле пасоши од државите во кои си заминале. Иако, и тоа може да биде сериозен проблем. Ако влезат во земјава со странски пасош, ќе мора да се регистрираат во полициска станица како странци. Уште и туристичка такса ќе им наплаќаме оти си дошле дома. Оваа ефикасна државна администрација мора од нешто да живее.

Веројатно, на повеќето заминувањето од дома им било тешко, ама сигурно не помислувале дека враќањето ќе им биде уште потешко. Значи, стварно нема бегање од Македонија. Ќе те снајде Македонија кај и да си.

3 А ние што останавме тука? Поефикасно одеше замената на старите СФРЈ пасоши со првите македонски пасоши во 1992, кога две третини од светот не нѐ признаваше ни дека сме живи, отколку сега, во државава што е членка на НАТО и со успешно завршен скрининг за почеток на преговори со ЕУ.

За повеќе од три децении властите се отепаа од фалење, те дигитализација, те вмрежување, те информатичко општество, те „е-влада“, странците истурија едно чудо пари за обуки, опрема и студиски патувања за да ни направат ефикасна администрација. Ама, ние  уште си вртиме на телефон за термин каде „претплатникот не е достапен“, а ако сепак некој се јави и имаш среќа да закажеш сликање за лична карта, не може со истото сликање и за пасош и за возачка довола да завршиш работа. За секое сликање – друго јавување.

Море налет пасоши, налет лични карти, налет возачки дозволи. А бе, ни лепенки за регистрациите на колите нема. Кај закажуваш сликање за пасош и лична карта, па некому му текнало дека и за лепење на лепенката „НМК“ на колата сликање требало. Уште тоа ни фали, Бујар Османи и Бојан Маричиќ да се сликаат и по станиците за технички преглед на возила. Дека кинисавме на европскиот пат.

Ние, фактички, веќе 32 години си живееме во вонредна состојба. Никогаш не знаеш утре со што може да те изненадат и државните и општинските институции. Излезе дека баш домашните институции се најголеми непријатели на граѓаните. Цело време сме во состојба на готовност. На штрек. Да се одбраниме од внатрешниот непријател – институциите што ги плаќаме.

4 Мојата генерација е растена во времето кога беше популарен слоганот на Тито: Да работиме како да 100 години ќе биде мир, ама да се подготвуваме како утре да ќе има војна.

Преведено на сегашен јазик тоа значи: Да веруваме дека во 2030 ќе станеме членка на ЕУ, ама да бидеме спремни дека никогаш нема да влеземе во ЕУ.

Или, ставена во актуелниов контекст: Да веруваме дека пасошите што сме ги извадиле денес ќе ни важат до 2034, ама да бидеме спремни дека веќе утре нема да важат.

AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира