1 Станува алармантно уште колку полицајци, инспектори, шефови на смени, цариници ќе бидат казнети или избркани од работа додека овие од Коалицијата „Вреди“ се изживеат на функциите. Ај сега и нив треба да ги пораснеме со наши пари.
Секако дека шефот на смена на граничниот премин „Блаце“ е одговорен затоа што неколку минути не бил активен системот за регистрација на патници додека поминувала свадбарска поворка од шест возила, од кои четири државни. Поворката ја предводел претседателот на Собранието Африм Гаши. Тој со службеното возило, во придружба на три полициски возила и плус две приватни, сите полни со сватови, тргнал по невеста во Косово.
Од Коалицијата „Вреди“ велат дека „обичај е, исто како и кај македонските свадби, да се оди по невеста“. Па обичај е и на граница да покажеш пасош. Море, каков обичај, закон е. Ама, тој закон Гаши не го испочитувал.
Од владиниот коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека на Гаши, како претседател на Собранието, му следува полициска придружба. И дополнително, премиерот Христијан Мицкоски рече дека „Гаши е подобар од претходникот Талат Џафери“. Што автоматски му дава право не само тој да ја минува границата без легитимирање, туку и сите сватови што одат со него. Можеа комотно меѓу сватовите да го стават и Блерим Рамадани, осомничен за воени злосторства во Косово и баран од Интерпол, кој избега од „гостински притвор“ чекајќи одлука на судот за екстрадиција во Србија. Нему ќе му го дадеа албанското знаме да го вее низ прозорец, да го испочитува обичајот.
Којзнае, можеби за да се избегнат вакви недоразбирања во владината коалиција, Мицкоски ќе му се понуди на Гаши следниот пат кога ќе оди на свадба во Косово да го земе и него меѓу сватовите, па заедно да ја поминуваат границата. Исто како што ѝ се понуди на косовската претседателка Вјоса Османи следниот пат кога ќе лета од Скопскиот аеродром тој да ја придружува додека поминува низ безбедносните процедури пред да се качи на авион, за да не мора Гаши да го праќа своето обезбедување да репетира пиштоли.
Во светот, границите без пасоши ги поминуваат само британскиот монарх и јапонските цар и царица. Сите други монарси имаат пасоши со кои се легитимираат. Дури и папата има пасош. Само Гаши не мора да се легитимира. И евентуално косовската претседателка Вјоса Османи. Којзнае дали кога доаѓала да лета од Скопскиот аеродром нејзината придружба воопшто била регистрирана за влез на „Блаце“. Туку, да не почне да ги прегледува камерите министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, па да настрада уште некој шеф на смена. Порано, додека овие од „Вреди“ беа со ДУИ, барем го обвинуваа пајакот за инциденти со полицајци. Сега напреднаа во барање одговорност, па ќе им бидат криви полицајците. Греота се луѓето.
Како вика Мицкоски: Со оваа Влада нема веќе аги и паши.
Затоа, си го имаме Гаши.
Ама, па сега, вреди ли да се растура колиција за две пасошки контроли?
2 Ако Гаши како претседател на законодавниот дом има проблем со сфаќање на задолжителна контрола и легитимирање, а Мицкоски тоа го правда затоа што е „подобар од Талат Џафери“, тогаш ќе се воспостави редовна состојба албанските политичари од власта да се однесуваат каубојски. Зошто тогаш и македонските политичари би останале покусо?
Е тогаш веќе, сериозно го обравме бостанот.
3 Пратеничката и доскорешна министерка за одбрана Славјанка Петровска побара заштита од Министерството за внатрешни работи (МВР) затоа што добивала закани преку социјалните мрежи со објавување нејзини слики како си го шета кучето во близина на својот дом, затоа што објави дека осомничените за убиството кај „Мавровка“ во Скопје биле избегани од затвор.
Не забележав дали некој од СДСМ ја поддржа Петровска која беше кандидат за претседател на партијата, ама се откажа обвинувајќи за нерегуларности на партиските избори. Ниту пак покажа солидарност. Каде се нејзините колеги пратеници, партиски другарки и другари? Што си мислат? Дека ако денеска одмолчат, утре нема и ним да им се случи истото? Кога попрво успеаја да ги заборават „спружувањата по насловни“, „независните продукции“ по телевизиите во чии емисии на лицата на политичките противници им беа ставани клинци, одбележувањата со црвените крукчиња по социјалните мрежи, хајките, повиците за насилство и навредите од скриените профили… Може и масовното прислушување го имаат заборавено.
Или пак, премногу се зафатени со подготовките за отчетниот конгрес што не успеаја да го одржат. Уште се запознаваат со материјалите. Додека тие се освестат, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе изгласаат уште некој закон, како оној за урбанизмот, што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го потпиша и покрај противењето на дваесетина невладини организации, оти „опозицијата немаше амандмани и немаше дискусија“. Башка што во меѓувреме се на мака и како да ги спојат Голема Богородица со 8 Септември, а тоа да не се одрази на нивната конструктивност како опозиција.
4 За средување на хаосот во Скопје што го прави градоначалничката Данела Арсовска, која беше кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски рече дека како претседател на партијата ќе ги замоли советниците на следната седница да ги изгласаат нејзините програми.
„Ако е до програмите, но не е до програмите“ , вели Мицкоски и тврди дека: „Еве, да знаете дека буквално ништо нема да се смени“.
Зошто советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје една година не ги гласале програмите на нивната кандидатка? Затоа што биле лоши? Ако се лоши, зошто тогаш сега би ги гласале? Затоа што ги замолил лидерот да ги гласаат? И зошто воопшто тие би го послушале кога и самиот тој вели дека ништо нема да се смени? Затоа што така им вика лидерот? За да докажат дека не ја бива таа за која ги мамеа скопјани дека е најдобрата менаџерка.
Просто е срамно како се разоткрија дека не мислат со своја глава и дека се обични гласачки машини. А особено срамно се разоткрија дека баш им е гајле за јавниот интерес.
5 Во полицискиот билтен пред неколку дена, излезе информација дека е фатен 39-годишен маж што дувал марихуана на Средно Водно.
Уште нема информација дали се фатени убијците на лекарот што пред пет месеци го најдоа избоден на паркинг пред амбулантата во Скопје кај што имал ординација.
Изгледа убијците на лекарот не дувале марихуана. Па како да ги фатат ако не дувале.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST