ОЗРАЧЕНИ ЕМ БАЛАНСИРАНИ

Што имаме ние од тоа дека глобално добро стоиме, а локално децата со смс пораки ги лечиме?

ОЗРАЧЕНИ ЕМ БАЛАНСИРАНИ

1 Во ист ден двајца високи функционери од власта излегуваат и кажуваат застрашувачки вести. Директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, во интервју за неделникот Фокус вели дека, има индиции за криминал со паралелниот увоз и можно е да пиеме неквалитетни лекови. Другата застрашувачка вест стигна од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Во интервју за ТВ 24 Вести рече дека има индиции оти на градската депонија Дрисла се пали радиоактивен отпад. И тоа обајцата ни го кажаа онака лежерно, во интервју, помеѓу многуте други прашања и одговори.

Не знаеш што е пострашно. Дали тоа што сме озрачени и пиеме пиратски лекови? Или тоа што двајцата високи функционери раскажуваат за индиции, а не кажуваат дали пријавиле во другите институции и во обвинителството за да се истражат тие индиции. Што имаме ние од тие индиции ако нема истрага што ќе ги потврди, или ќе ги отфрли и, особено, ако нема казни ако се покаже дека биле точни. Вака, ова што го кажуваат Ден Дончев и Петре Шилегов се сведува на кафеански муабет.

Крајно време е власта да се сети дека веќе не е опозиција. И дека помина време на индиции. Кога си на власт, особено ако си одговорна власт, ако имаш индиции покренуваш акција. И ја тераш работата до крај. За двете работи што ги кажаа Дончев и Шилегов станува збор за живот или смрт. Што е пресериозна тема за да остане само на индиции.

2 Супер е оваа дипломатскава офанзива на Заев. Супер е што тргнал да нѐ смири со сите со кои што нѐ скара Груевски. Еве, ќе се сликаме, ќе збориме на нивните јазици, ќе се бацуваме, ќе се гушкаме, ЕУ ќе нѐ фали, НАТО- мато… Глобално добро стоиме. Ама, локално што правиме?

Локално, уште децата со смс пораки си ги лечиме.

Што имаме ние од добрососедските односи, ако тоа стварно не ни го подобри животот? А како ќе го подобри кога ниту политичарите, а ниту ние граѓаните не сме спремни за првиот и основен предуслов за подобар, европски живот. Да се почитува законот.

Да нема загадување, ама ако може да не се откажуваме од дизелот што го возиме и да не го пријавуваме комшијата што пали отрови. Да имаме подобро здравство и образование, ама да не мораме да плаќаме даноци. Да имаме слободни тротоари, ама да ни останат и најлонските тераси за пушење. Да имаме проодни улици, ама да можеме да си ја паркираме колата за да си ја гледаме додека пиеме кафе. Да се намали метежот во центарот на Скопје, ама да не поскапува паркингот. Да ни биде чист влезот и исправен лифтот, ама да не плаќаме за куќен совет. Да ги постираме на Фејсбук апликациите за загаденост на воздухот и остро да бараме надлежните нешто да преземат, додека пушиме во канцеларија. Особено во Собрание, во Влада, во министерства, во државни институции… И во болници. Не само во кафеани. За фрлање ѓубре по улици и во природа ич муабет да не правиме. Тоа ионака странските амбасадори со нивните фамилии и вработените без пари ни го собираат.

Европа ќе дојде во Македонија кога секој ќе тргне од себеси во почитувањето на законот. А после, Заев може колку сака билатерални договори да потпишува, да бара милост и да се бацува со попови на државнички средби во секуларна држава.

3 Никола Груевски беше на распит во СЈО за некој нов случај, што произлегуваа од бомби што не сме ги чуле. Којзнае што му пуштиле да слуша, оти на излегување си го заборави капутот. Ама, капутот не е најинтересниот детал. Многу поинтересно е што Груевски во изјавата што ја даде на излегување од СЈО не рече дека е невин, дека џабе го испрашуваат, дека немаат никакви докази…Туку рече дека доказите што ги имаат не смеат да ги користат. И раскажуваше нешто за платите на лекарите, за договорот со Бугарија, за законот за јазиците и за името што Заев ќе го продавал.

Интересно е како се правдаат вмровците зошто уште го трпат Груевски. Па викаат: „Добро де, изгледа дека стварно краделе, ама па сега со државата што правиме? Ни отиде државата!“

Државата не била загрозена кога власта правела криминали со стотици милиони евра, кога прислушувала илјадници граѓани, лажирала избори и криела злосторства. А сега е загрозена. Како загрижените патриоти тогаш, кога раководството на партијата крадело на ангро, не се прашуваа: „Што правиме со државата?“ Сигурно им давале и ним да поткраднуваат.

4 Поранешниот претседател на Сообранието Трајко Вељаноски испратил отворено писмо до сегашниот претседател Талат Џафери. Ај што го пратил – не мора да го праќа, може на говорница да го каже, туку медиумите и му го пренесоа писмото. Новинарите му објавуваат писмо на човек што ги избрка на клоци.

Писмото било за кршење на деловникот на Собранието. Кој го напишал? Трајко Вељаноски, поради чие кршење на деловникот сега сите ние мораме да им исплаќаме отштета од по 5.000 евра на новинарите кои тој нареди да бидат избркани од Собранието на 24 декември, 2012 година. Оти, Судот за човекови права во Стразбур пресуди дека Трајко го скршил не само деловникот, туку човековите права.

Колегите ми глумат балансирано известување. Објавиле дека Трајко Вељаноски напишал нешто за  кршење на деловникот, а не кажале кој е Трајко Вељаноски. И дека има најмалку два кабаета за сериозно кршење на деловникот и на човековите права во  Собранието. На 24 декември, 2012 и на 27 април, 2017.

Нека извинат колегите. Ама ова не е балансирано новинарство. Како и оние „дебати“ на кои упорно се трудат да ги рехабилитираат водачите на нападот на Собранието со тоа што ги викаат во емисија како релевантни соговорници. Па уште и како жртви ќе се претстават, ќе треба да ги жалиме. Ова е неодговорно новинарство кое ја одржува перцепцијата што сака да ја наметне ВМРО-ДПМНЕ дека „сите се исти“.

Има таму луѓе кои треба да добијат медиумско внимание само кога ќе се најдат на суд. Да им успееше организираниот напад на Собранието на 27 април, до сега ќе нѐ убиваа по улици.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари