1 Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев, инаку потпретседател на Социјалистичката партија која е дел од владината коалиција, е уапсен поради сомневање за примање мито во износ од 50.000 евра. Толку малку барал оти е социјалист. Да беше капиталист којзнае колку ќе му требаше за среќа.
Поднесено е и обвинение против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, за примање мито од 50.000 евра за да фати врски кај судија во Апелациониoт суд кај кого се водел предмет за негов клиент како адвокат.
Во ноември минатата година беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Илија Стоилев, оти беше осомничен дека примил мито од 50.000 евра за да фаворизира приватна компанија при распределбата на средства од програмата ИПАРД на Европската унија.
Значи, под 50.000 евра муабет не се прави. Пеесче е почетна тарифа за бизнис со луѓе што се поставени од партиите на владејачката коалиција. Тие што нив ги поставуваат којзнае колку бараат. Врти таксиметарот. Ко што би рекла една супермоделка, „под 50.000 евра ич не станувам од кревет“.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски неодамна најави дека од идната година ќе стапи на сила Законот за земјоделство и рурален развој, по што Владата очекува да има голем одѕив кај младите за враќање на село.
Следниот пат кога премиерот Христијан Мицкоски ќе ги сретне нашинците во авион како се враќаат масовно дома, нека ги праша дали имаат тргнато на страна 50.000 евра. Да може да им тргне бизнисот.
2 После широка јавна расправа во која Министерството за здравство вклучи експерти од науката, здравството, кафеанџии, стопански комори и фејсбук заедницата на граѓаните, Владата одлучи забраната за пушење во затворен простор да ја спроведе со Закон за правење промаја во дивоградби. Министерот за здравство Азир Алиу беше голем ентузијаст мислејќи си дека веќе од 1 март Законот за заштита од пушење ќе биде на сила, ама не се имаше соочено со моќта на кафеанџиите поддржани од производителите и дистрибутерите на цигари. Па сега ни раскажува дека дошле до заклучок „и од научната фела и од експертите во здравството дека со две отворени страни просторот, значи терасите, можат да се дозволат да се пуши, заради тоа што воздухот цури“.
Да сме знаеле колку моќни преговарачи се кафеанџиите ни името на државата немаше да го менуваме. Туку, ај тоа е веќе завршена работа. Дај барем сега да ги искористиме, да ги пратиме во Брисел да преговараат за промена на преговарачката рамка со ЕУ.
Не знам зошто воопшто министерот се занесува дека ќе смени нешто со нов закон, кога ионака сѐ ќе си остане по старо. Проветрувањето на воздухот ќе зависи од тоа дали газдата ќе го отвори кровот на две-три минути за да се излуфтира. Вели дека само во Скопје има над 7.000 тераси, што не се тераси. Дека газдите ќе мора да обезбедат посебна врата за непушачкиот дел, а посебна и за терасите. Оти кога си надвор на тераса, всушност си внатре. А кога си внатре, всушност си надвор, на тераса. Оти, терасата е климатизирана. Будалесто е, ама функционира.
Е токму тој дел не го го зел предвид министерот Алиу. Дека кафеаните немаат тераси. Туку се цврста градба. Заборавил дека тие 7.000 тераси се узурпирани јавни простори, 7.000 пешачки зони, улици, тротоари и паркови кои прво беа оградени со најлони, па со стакла и на крај завршија како цврста градба. За кои којзнае дали Општините воопшто наплаќаат, оти уште им ги слушаме тажните приказни од времето на ковидот кога им дозволија да ставаат маси кај што ќе сакаат.
Значи, Законот за заштита од пушењето не може да се почитува затоа што треба да се урнат дивоградби. И тоа не се којзнае какви габаритни дивоградби, за кои градоначалниците треба да се правдаат дека не можат да ги отстранат оти немале пари, а и никој не им се јавувал за тендерите за уривање. Тераси се, нели. Со кров. И со врата за пушачи со кои ќе се прави промаја. Поеколошки, здравје.
3 Сосем друг муабет е колку тие нелегални тераси се опасни по живот. Во многу од тие цврсти градби се користат греалки на плин. А плин во комбинација со жарче од цигари е таман тема за уште една меѓународна експертска конференција како онаа што Владата ја организираше по повод годишнината од пожарот во нелегалната дискотека во Кочани во која загинаа 63 луѓе и над 200 беа повредени.
На кутиите со цигари пишува: „Пушењето е штетно за здравјето“.
На влез во кафеаните ќе треба да пишува: „Промајата убива“.
Правото на избор е неприкосновено. Сетики од нешто мора да се умре.
4 Центарот за граѓански комуникации од Скопје правел анализа на можните злоупотреби со храната за народните кујни. Тендерот за оброци кој го спроведува Министерството за социјална политика, демографија и млади вреди безмалку 1,5 милион евра. Колегите побарале податоци од Министерството според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ама таму не им одговориле на ниедно прашање. Затоа тие поднеле жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Но, Агенцијата не одлучува по жалби оти таму Владата нема поставено ни директор ни заменик-директор.
Толку од транспарентноста. Министерството не одговара на прашања што отвараат сомнеж за корупција. Државната институција за жалби одговорила дека не може да одговори и – завршена работа. Владата се фали дека е транспарентна, ама нема кој да се грижи за транспарентноста кога нема директор ни заменик.
Нема директор кој ќе ги потпише одговорите на жалбите. А кој ги потпишува платите за вработените? Кои работат повеќе од година и пол откако е сменета власта. Земаат ли плата?
Нема директор да обезбеди пристап до информации од јавен карактер. А пристап до платата што ние им ја даваме кој обезбедува?



