1 Кога веќе Владата ги нуди за вработување во приватните компании непродуктивно вработените во државната администрација, дали ќе има можност газдите да си го бираат кадарот, или ќе им ги прераспределуваат онака ѓутуре, кому иде? Претпоставувам дека најмногу приватни бизниси ќе сакаат да им се падне Хазби Лика, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, кој од мај не дошол на работа. Веројатно, многумина ќе сакаат да го испитаат во пракса концептот на премиерот Зоран Заев и министерот Дамјан Манчевски за реформи и ефикасност на јавната администрација. Заев рече дека „ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека Владата треба да седне, да размисли, тоа да се промени“. А Манчевски пак кажа дека „никој нема да ја загуби работата, а на вишокот администрација ќе ѝ биде понудено да биде ангажирана во приватниот сектор“ .
Би можела Владата да направи пилот проект за преземање на вишокот административци. Според тој проект, премиерот Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и сите министри што имаат приватни фирми треба да вработат по некој од тие што се вработени во јавната администрација, ама кои со години ги молат да дојдат на работа. И „ќе седнат да размислат, тоа да се промени“, ко што вели премиерот. Кај нив во компаниите важи ли законот дека ако три дена не се појавиш на работа, добиваш отказ? Ги молат ли да дојдат на работа, па ако не им се допаѓа понуденото работно место, им даваат ли втора понуда? Па понуда од трета мајка, па да се вратат од сезонска работа од Швајцарија, од Италија, па уште малку да подразмислат…
Кога некој не му доаѓа на работа во фирма, газдата Заев седнува и размислува ли како тоа да се промени? Ме чуди како ли се прави тогаш ајварот? И камиончињата на Анѓушев сами ли се прават?
2 Што има тука да се размислува? Додека ние одиме редовно на работа, ревносно си ја вршиме работата и редовно си плаќаме придонеси и даноци за да обезбедиме плати и за јавната администрација, тие одбиваат да потпишуваат договори, не се појавуваат на работа и не го сработуваат тоа за што се платени. Некој ќе се крши од работа, а некој цел живот само ќе се потпишува дека дошол на работа и на крај ќе си земе и пензија за тоа што не го сработил. Ама, штом не можеш да ги казниш ни тие што не доаѓаат на работа, како ли ќе ги казниш и тие што не работат како што треба? Има вработени кои не ја испорачуваат услугата за која ги плаќаме. А никој не е отпуштен, како што би бил секој што неодговорно работи во приватна компанија.
Најдобро функционира меѓупартиското почитување за небркање од работа. Јас не ги бркам твоите, ти не ги бркаш моите. За следните избори, пак нови луѓе ќе примаме. Овие будалите од приватниот сектор ќе плаќаат. Ако не плаќаат, ќе ги казниме.
И после, власта се чуди зошто има недоверба кон воведувањето на прогресивниот данок. Зошто луѓето не веруваат во фразата „праведно оданочување“. Како зошто? Затоа што и самиот премиер кога правдаше вработување на советници во неговиот кабинет викаше: „Па и тој мора да заработи за лепче за дечињата“.
Оваа држава, а богами ни оваа власт не покажала дека ќе ја смени практиката за трошење народни пари за партиски привилегии. Дали парите од прогресивниот данок ќе се потрошат за покривање на криминално направените долгови на општините, за патарини за пратениците, за апанажи за функционерите, за нов возен парк за министерствата, и за измислени советнички места во Владата, министерствата и државните претпријатија? Или ќе одат за повисоки плати на негувателките во градинките и во старечките домови, за повисоки плати на наставниците, лекарите и сестрите, за поквалитетни лекови, за почист воздух, за чиста вода, за железници, патишта, депонии….?
Така што, не станува збор дали ќе имаме прогресивен или рамен данок. Не е прашањето дали Владата треба да го воведе, или не. Не станува збор ни за процентот на данокот. Сите тие прашање доаѓаат откако ќе се одговори на основното прашање кое е извор на суштинската недоверба: За што ќе се трошат парите од данокот?
3 Наместо премиерот Заев да размислува како да не ги налути службениците што треба да ги отпушти, нека седне веднаш да размислува на темата како да ја врати довербата на граѓаните кон државните институции. Додека тој и уште два-тројца од Владата се занимаваа со името, другите си наоѓаа оправдување да не се занимаваат со својата работа. Доаѓа време кога и ова историско поглавје ќе заврши. Уставните измени ќе поминат. И Груевски ќе заврши в затвор. Со себап, ќе си лежат и одговорните за организираниот напад на Собранието на 27 април лани. И на дневен ред ќе дојдат суштинските прашања за секојдневниот живот кои ги заборавивме додека се занимававме со големата тема – името, ЕУ и НАТО. И ќе завршат оправдувањата за Владата. И власта ќе ја судиме дали работи за граѓански интерес или за партиски интерес и привилегии.
Ќе завршиме и со посните слави, новогодишно-божикните празнувања и со зимскиот распуст и со менувањето на Уставот. До 31 јануари ни писмата на Мијалков нема да бидат веќе актуелни. Туку, што ќе правиме од 1 февруари? Кога веќе нема да имаме оправдување за соочување со реалноста?
4 Груевски ќе мора да оди в затвор. Сигурно ќе инсистира на тоа да се смета за жртва. И ќе продолжи да го цитира нобеловецот Иво Андриќ. Пред некој ден Груевски напиша: „Кутар е оној кој мора некого да понижи за себеси да се воздигне“.
Супер цитат избрал човекот што нарачуваше по два-три шамари од појаките, рушење на згради со динамит да не го тупиме, се потсмеваше со политичкиот противник дека му течело низ ногавици… Да не е многу?
Кога веќе го цитира Андриќ, нека не го заборави и следниов цитат: „Доаѓа време кога паметните ќе замолчат, будалите ќе прозборат, а фукарата ќе се збогати“. Тоа е времето на Груевски. И уште трае. Збогатените фукари ни одлежаа, ниту пак парите ги вратија.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST