ПУШЕЊЕ ВО ИНКУБАТОР

И баш фино што предлагачите на законот нѐ ослободија од Груевски. Ај сега нека ни ги ослободат и тротоарите

ПУШЕЊЕ ВО ИНКУБАТОР

1 Значи, од понеделник да се спремаме дека конечно ќе дојде новиот живот. Во кој ќе нема живот за пешаците. За да можело да се пуши секаде. И секогаш. И да врне, и да вее и бура да коси.

Конечно, по опсежната дебата за најважата реформа во државата од планот 3-6-9 , пратеникот на СДСМ Томислав Тунтев, еден од седумината иницијатори за измена на Законот за пушењето, откри дека идејата не им била да се дозволи пушење во јавните установи, туку „да се дозволи да се пуши на терасите и во услови кога поради временските услови тие не можат да бидат отворени“.

Браво за искреноста. Сега сме барем на чисто чии интереси ги бранат пратениците. И да немаме дилема дека тоа што ги загрижило не е јавниот интерес.

Што значи тоа да може да се пуши на терасите во секакви временски услови? Тоа значи да се пуши во стаклениците и најлонските салони што се цврсти градби поставени на јавен простор. Значи, поставени на нашите тротоари, на нашите кејови, на нашите плоштади, на нашите велосипедски патеки…

Баш фино. Вмровците ни ги уништија парковите и плоштадите и ги окупираа сите слободни парцели за да изградат згради. А сдсмовциве ќе ни ги земат и тротоарите и кејовите.

2 Тие што ја иницираат дебатата за пушењето не се некои непрошетани пратеници. И добро знаат дека тоа што ни го претставуваат како европско решение го нема во ниедна земја од ЕУ. Не во Париз, не во Брисел, не во Стокхолм, не во Берлин… Европското решение значи дека кому му се пуши, ќе пуши пред кафеана. А не во дневна соба насадена на тротоар. Европското решение предвидува енергетска ефикасност. Кај нас го грееме ветерот на улиците. Европското решение значи дека тротоарите треба да се слободни за пешаците. И за брза помош, и за пожарна и за хидрант. И дека ако нема место за пешаци, нема да има место ни за кафеански маси. А кај нас, дневните соби заградени во најлони станаа баракчиња со подно греење изградени на тротоари.

Погледнете ја сега Боемската улица во Дебар Маало во Скопје. Најскапата улица во Македонија што ние сме ја платиле. Пробајте да поминете со количка за дете. Или со инвалидска количка.

Башка што пушалните не им пречат само на пешаците. Им пречат и на станарите што живеат во околината. Оти под тие најлони се монтирани звучници, телевизори…

Да не заборавиме. Сите тие работи се регулирани со закон. И децибели и загадување и поставување урбана опрема.

И пратениците велат тоа било легално. А како станало легално? И велат, ако не било легално, со тоа требало да се занимаваат поажурно локалните власти. Ха, ха, ха… Па за какво европско решение зборуваат, кога баш тие што треба да го контролираат спроведувањето на законот за пушење пушат во канцеларија. Се пуши во сите јавни установи и државни фирми. Се пуши во болници. Се пуши и во катни гаражи. Море, се пуши и во Влада и во Собрание.

И баш фино што предлагачите на законот нѐ ослободија од Груевски. Ај сега нека ни ги ослободат и тротоарите.

А ако дојде овој закон до гласање во Собранието, ете ни шанса да видиме дали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се исти по прашањето на гордата послушност. Да видиме дали сите ќе гласаат исто како стадо по команда, или некој можеби ќе има и свое мислење. Тогаш ќе видиме дали навистина почнал животот.

А правото стварно ќе завладее кога без оглед дали си премиер, градоначалник, пратеник, директор на јавно претпријатие, судија или инспектор нема да пушиш во канцеларија. Оти, нели, пушењето со закон е забрането. Владеењето на правото е почитување закон. Нека извини законот.

3 А нека извини и средната класа. Или тој што сака од сиромаштија да премине во средна класа. Оти, власта бара начин како да собере пари во буџетот, па размислува тие што имаат примања од 1.000 евра да ги третира како богати за да плаќаат поголем персоналец.

Во Македонија вкупното население е сиромашно, а најбогати се 50-70 луѓе кои се само 1 процент од населението. Така што, тие што имаат 1.000 евра приходи не се толку богати за да мора дополнително да се оданочуваат. Всушност, тие не се воопшто богати. Тие се само помалку сиромашни. И можат да живеат релативно порелаксирано од оние што одвај врзуваат крај со крај.

Сакајќи да постигне еден ефект, Владата може да постигне контраефект. Да го исфрустрира оној слој граѓани што чесно си ги заработува парите и редовно си ги плаќа даноците.

Дали целта на Владата е да ја јакне средната класа, или и неа да ја избрка од земјата? Да стимулира вработување со повисоки плати во приватни успешни компании, или да продолжи со партиските тефтерчиња со списоците за државна работа? Да поттикнува претприемаштво во Македонија, или да ги нареди успешните во редиците за бугарски пасоши? Да ги охрабрува тие што се способни да работат и заработуваат и надвор од работното време, или да создава послушници кои ќе им стојат на располагање за митинзи и глумење народ?

Навредливо е да кажеш дека со 1.000 евра си богат човек. Што значи тоа? Дека си подобен да  земеш кредит за да одиш на кино? Нели животот дојде, нели треба да се радуваме, да сме среќни? Нели среќата не се ограничува само на сендвич,  салатичка и домашна ракиичка? Треба ли да се оди во театар, да се купи нова облека,  да се почастиш во кафеана, да прославиш нешто со пријателите… Оти чесно си работел, си заработил и си платил данок. Треба ли во еден момент да си купиш нова кола? Или нов точак? Треба ли да го запишеш детето на воншколска активност? Или и за спорт и за странски јазик треба да влегуваш во минус? Треба ли да се оди на викенд? А на одмор? Нели треба понекогаш и да се излезе од Македонија? Дали е целта овие богатите со 1.000 евра кога ќе излезат од земјата засекогаш да останат надвор за да заработат повеќе? Или целта е да се вратат дома, тука да заработат повеќе и тука да си ги трошат парите?

Конечно, дали треба дополнително да се даночат богатите со 1.000 евра приходи, чии сметки се лесно проверливи, или да се ослободат од плаќање данок сиромашните што ги чуваат парите во Белизе и Панама? Оти, тие и до сега покажаа креативност како да ги скријат приходите.

4 Кај и да е, ќе дојде декември. Речиси цела година по изборите во кои избравме живот. И супер е ова слободава. Ама, дојде време и малку ред да се стави. А од каде да се почне?

Еве на пример, од почетокот на животот. Од инкубаторите во државната клиника каде што секојдневно умираат бебиња. Па кога ќе спасиме некој живот кој само што почнал, да запалиме една цигара на раат.

 

AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари