ОХРИДСКИ МАРАТОН ЌЕ ИМА НА 10 ИЛИ 11 СЕПТЕМВРИ, ОПШТИНАТА И АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ НАЈДОА ПАРИ

    ОХРИДСКИ МАРАТОН ЌЕ ИМА НА 10 ИЛИ 11 СЕПТЕМВРИ, ОПШТИНАТА И АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ НАЈДОА ПАРИМаратонот годинава нема да биде во календарот за бодување оти Пливачката федерација не го пријавила; - Од Охридскиот маратон 2017. (Фото: СДК.МК)

    „Охридски пливачки маратон ќе има“, кажа на денешната прес-конференција градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Наградниот фонд од 10 илјади евра ќе го обезбеди Агенцијата за млади и спорт, а останатите средства ќе бидат на товар на Општината, за што Советот на Општина Охрид свика итна седница на која треба да се обезбедат 2 милиони денари за организација на Охридскиот пливачки маратон. Поддршка има и од бизнис заедницата како од Охрид така и од цела држава.

    „Бидејќи сметката на Пливачката федерација е блокирана средствата ќе се префрлат на охридски клуб со што ќе може да се организира Охридскиот пливачки маратон“, рече Пецаков.

    Допрва ќе се известуваат маратонците за условите под кои ќе настапуваат, а се очекува да дојдат околу 20 пливачи. Одржувањето на маратонот се планира за 10 или 11 септември, оти пливачите моментално се на Европско првенство во Италија по што следи уште еден маратон во Капри.

    Маратонот годинава нема да биде во календарот за бодување оти Пливачката федерација не го пријавила, па со одржувањето на годинешново издание ќе се продолжи само традицијата долга од 60 години. Како што кажаа на денешната прес-конференција, ќе се бара одговорност за ваквата состојба.

    По информациите во јавноста дека нема да се одржи традиционалниот маратон бројни бизнисмени се понудиле да помогнат, а Пецаков најави дека во иднина со помош на бизнис заедницата ќе се одржува Охридскиот маратон.

    „Уште од наредната година, ние како Општина заедно со Советот на Општина Охрид ќе продолжиме во иста па дури и во поголема форма да го поддржуваме Охридскиот пливачки маратон и да го вратиме сјајот на оваа манифестација, онака како што и заслужува. Но ваква поддршка искрено не се надевав дека може да се случи за 24 часа. Доколку ваквата поддршка продолжи, сметајте дека Охридскиот маратон ќе функционира исклучиво од спонзори без никаква државна или општинска поддршка“, рече Пецаков.

    Проблемите во Пливачката федерација се таложат со долги години, а блокираната сметка го откажа годинешново јубилејно 60. издание.

    Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски најави дека од следната година го преземаат организирањето на маратонот.

    „Проблемите во Пливачката федерација не се отсега. Не може сите обврски кои се под нивна надлежност да се исклучуваат и да се ставаат под тепих. Агенцијата за млади и спорт ќе го обезбеди наградниот фонт, сместувањето и сè она што ќе произлезе иако сè уште не знаеме колкави средства ќе се потребни“, кажа Мојсоски кој од Пливачката федерација не добил конкретен одговор колку чини организацијата на Охридскиот пливачки маратон.

    Охридскиот градоначалник даде ветување дека ќе се обезбедат и средства за неисплатениот наградниот фонд за пливачите за последните две години.

    Првите победници на маратонот во 1962 година, на тогашната патека Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 км, се Абу Хеиф од Египет во машка и Атина Бојаџи од Македонија во женска конкуренција. Од 1998 годиа Охридскиот пливачки маратон е дел од програмата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА).

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира