Сезонската свежа салата која ја јаделе во Велес фудбалерите на битолски ФК Пелистер била причина што кај 12-мина од нив има знаци на труење. Ова го покажале резулатите од испитувањето на храната, спроведено од Центарот за Јавно здравје Велес (ЦЈЗ ), а која ја јаделе 28-те члена од екипата на ФК Пелистер која ручала на пропатување во Велес. Во саботата, поради симптоми на труење со храна во инфективното одделение на Општата Болница Велес беа хоспитализирани 12-те фудбалери.
„Со извршените лабораториски испитувања, утврдено е дека кај земените мостри храна, салати од морков, зелка и цвекло, има присуство на бактерии од фекално потекло – индикатор на фекална контаминација. Испитаните мостри согласно извршените лабораториски испитувања одговараат на микробиолошките критериуми за безбедност на храната, но не и на хигиената на производствениот процес“, пишува во информацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Кај овие зеленчуци била пронајдена бактерија Enterococus fekalis, и тие не биле доволно измиени оти при нивното одгледување е користена загадена вода со фекалии. Со идентична информација се јавија и од Државниот санитарен и здравствен испекторат (ДСЗИ).
„Резултатите на Центарот за Јавно здравје Велес потврдија присуство на бактерија во еден вид салата. На брисевите од неколку вработени, потврдено е присуство на патогени бактерии. Стручно мислење на ЦЈЗ Велес потврдува труење со храна. ДСЗИ постапи по протокол, кој се применува во ваков случај кујната од објектот е затворена на самиот ден на вонредниот инспекциски надзор“, пишува во информацијата од д-р Ирина Сотирова Бухова директор на ДСЗИ.
Кај останатите земени мостри од храната која ја јаделе фудбалерите на ФК Пелистер од Битола, кечап, шпагети, лепче, пилешки стек и бистра супа, анализите не констатирале отстапувања на безбедносните и хигиенските критериуми за храна. Со лабораторските испитувања на земените брисеви од работните површини, приборот и опремата која се користела во кујната не се констатирани отстапувања, што укажува на задоволително ниво на хигиена. По извршениот вонреден санитарно – хигиенски преглед кај 34 лица вработени во кујната и келнери во хотелот, сите со уредни санитарни книшки при вонредната инспекциска контрола, кај 7 се изолирани бактерии во нос и грло. Инспекциите наредиле тие веднаш да бидат отстранети од работа и да почнат со лекување. Извршена е вонредна дезинфекција на кујната, и таа ќе биде пуштена во употреба по добивање на задоволителен лабораториски наод.
П. ПЕЧКОВ