БРИТАНСКИ НАУЧНИЦИ ИСПИТУВААТ ЛЕК КОЈ ОВОЗМОЖУВА ДА НЕ СЕ РАЗБОЛИ ЛИЦЕ ИЗЛОЖЕНО НА КОВИД-19

    БРИТАНСКИ НАУЧНИЦИ ИСПИТУВААТ ЛЕК КОЈ ОВОЗМОЖУВА ДА НЕ СЕ РАЗБОЛИ ЛИЦЕ ИЗЛОЖЕНО НА КОВИД-19Тимот се надева дека истражувањето ќе покаже оти коктелот на антитела штити од ковид-19 од шест до 12 месеци. (Фото: Гардијан)

    Британските научници испитуваат нов лек, кој во случај некое лице да било изложено на коронавирус ќе спречи да се развие болеста ковид-19, што според нив може да спаси многу животи. Терапијата со антитела би дала моментален имунитет против болеста и може да се дава како терапија во итен случај на хоспитализираните лица и на лицата во старечки домови, за да се спречи да се шири епидемијата.

    Овој лек би можеле да го примат лица во семејства ако некој од членовите заболи од ковид-19, и во тој случај да не се рашири во целото семејство. Може да се дава и на студенти кои престојуваат во студентски домови, каде исто така брзо се шири вирусот.

    „Ако можеме да докажеме дека овој вид на терапија спречува повеќе луѓе да заболат од ковид-19, тоа ќе биде одличен додаток на арсеналот оружја кој се развива за борба со овој ужасен вирус“, вели вирусологот од Универзитетската лондонска болница д-р Кетрин Хулихан.

    Лекот се развива од Универзитетот и „АстраЗенека“, фармацевтската компанија која заедно со Универзитетот Оксфорд создадоа вакцина, која во Велика Британија се очекува да биде одобрена следната недела.

    Тимот се надева дека истражувањето ќе покаже оти коктелот на антитела штити од ковид-19 од шест до 12 месеци. Учесниците добиваат по две дози, една по друга. Ако се одобри, ќе се нуди на некој кој бил изложен на вирусот во претходните осум дена. Ако медицинските регулатори го одобрат, може да биде достапен во март или април.

    Проектот почна месецов, во координација со уште неколку британски болници и онлајн со уште 100 болници низ светот. Болницата стана прва во светот која регрутараше пациенти за истражувањето и им дадоа од лекот или пласебо.

    „Досега го дадовме на 10 пациенти, вработени, студенти и други лица кои биле изложени на ковид-19 дома, во амбуланта или во студентска сала и сега ги следиме дали ќе развијат ковид-19“, вели Хулихан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира