Од први март наредната година децата во Германија нема да можат да се запишат во градинка и во училиште доколку не се вакцинирани. Бундестагот го усвои законот со кој се воведува задолжителна вакцинација против морбили. За законот гласаа 459 пратеници, 89 беа против и 105 воздржани.
Со Законот родителите пред да ги запишат децата во градинка или училиште треба да покажат дека ја примиле вакцината. Доколку не го сториле тоа казната е 2.500 евра.
На децата кои веќе се запишани во градинка или училиште им се остава рок да ја примат вакцината до 21 јули 2021 година.
„Заштита од сипаници е заштита на децата“, рече министерот за здравство Јенс Шпан, додавајќи дека вакцинирани треба да бидат и вработените во училиштата, градинките и здравствените установи.
Според Институтот Роберт Кох, годинава од сипаници во Германија се заразило 501 лице. За да спречи ширење на болеста 95 отсто од населението треба да биде имунизирано.