КОЅИЈАС ВО ПАРЛАМЕНТОТ ЌЕ ОБЈАВИ 30 ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ТОА КАКО ГРЧКИТЕ ВЛАДИ ПРЕГОВАРАЛЕ ВО СПОРОТ ЗА ИМЕТО СО МАКЕДОНИЈА

    КОЅИЈАС ВО ПАРЛАМЕНТОТ ЌЕ ОБЈАВИ 30 ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ТОА КАКО ГРЧКИТЕ ВЛАДИ ПРЕГОВАРАЛЕ ВО СПОРОТ ЗА ИМЕТО СО МАКЕДОНИЈАЕкминистерката за надворешни работи Дора Бакојани го предизвика министерот Никос Коѕијас да ги објави во Парламентот и неговите дискусии за спорот за името (Фото: Катимерини)

    Парламентарната дебата за иницијативата за гласање недоверба на владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, поднесена од конзервативната Нова демократија, ќе се вжешти денеска оти министерот за надворешни работи Никос Коѕијас се очекува да поднесе документи за тоа како претходните влади ги водеа преговорите за спорот за името со Македонија изминативе години, објави весникот „Катимерини“. Пред гласањето за иницијативата за недоверба закажано подоцна денеска, се очекува Коѕијас да поднесе околу 30 неодамна декласифицирани документи на министерството, во обид да ги одврати критиките од Нова демократија за  владината преговарачка тактика што доведе до договор за името на Македонија изминатава недела .

    Извори на „Катимерини“ велат дека документите расветлуваат што избрале претходните влади во врска со композитните имиња и прашањето за измените на Уставот на Република Македонија.

    Коментирајќи вчера, истакнатата конзервативна пратеничка Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи вклучена во преговорите за спорот за името на Македонија, го обвини Коцијас дека има „логика на Штази“.

    „Јас ве предизвикувам, тогаш, доставете сè во записникот од парламентот. Баш сè“, изјави Бакојани. „И кога веќе поднесувате, поднесете ги датотеките од вашите сопствени дискусии, министре“, рече таа. „Освен ако немате нешто да се скриете“.

    Вестите за плановите на Коцијас да ги достави документите на министерството до Парламентот, фрлаат ново светло врз предлогот на Нова демократија за гласање недоверба на владата. Одговарајќи на потегот на водачот на Нова демократија Киријакос Мицотакис во четвртокот, Ципрас рече: „Ќе зборуваме за сè и за сите. Нема лесно да минете следниве неколку дена. Ќе зборуваме, со имиња и адреси, за тоа кој се откажа од што и кога … за тоа кој некогаш бил подготвен да го признае името Македонија за домашна употреба”.

    Ципрас и Мицотакис се очекува повторно да се судрат во Парламентот вечерва пред гласањето за недоверба.

    Се очекува Ципрас да излезе неповреден од гласањето, бидејќи неговиот коалициски партнер, Независни Грци, вети дека ќе го поддржи, иако се спротивставува на договорот со Македонија.

    Во меѓувреме, во тек се подготовките за церемонијата на потпишување на договорот утре  во Преспа. Потпишувањето, кое треба да го стори Коѕијас и неговиот колега Никола Димитров, во присуство на премиерите на двете земји, ќе се одржи на грчка страна, а потоа ќе се одржи ручек на страната на Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира