По 12 часа постигнавме договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово. Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив, соопшти вечерва високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, по завршувањето на трилатералната средба во Охрид со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
„Косово се согласи веднаш и тоа веднаш да почне во рамки на дијалогот за воспоставување на аранжман за обезбедување на самоуправа за српската заедница на Косово. Двете страни се договорија да ја потенцираат декларацијата за исчезнати лица, која беше преговарана на дијалогот потпомогнат од ЕУ, која е со високо ниво на важност. Морам да потенцирам дека ние иницијално предложивме поамбициозен анекс на договорот, но за жал двете страни не се договорија за тој детален предлог. Ова беше еднострано поддржано, кај косовската страна недостигаше флексибилност. Од друга страна, Србија истакна дека принципиелно нема да потпишува ништо, се додека не се целосно подготвени да го имплементираат. Со цел да ги избегнеме овие последици ние направивме предлози поврзани со потпишувањето и суштината. Но, двете страни не можеа да изнајдат заедничка согласност за нашите предлози. Верувајте ми, покрај тоа што поамбициозенен текст беше предложен на почетокот, тоа што двете страни го прифатија, значи дека согласноста и имплементацијата ќе стане составен дел кон европскиот пат. Со цел да бидам поконкретен, ќе ги вклучам амандманите во преговарачкото поглавје, во преговарачката рамка за преговори со ЕУ, како и во агендата за стабилизација на Косово со ЕУ“, рече Борел.
Тој кажа дека се работи и за просперитет и безбедност на целиот регион, па и пошироко во геополитички контекст.
„В понеделник шефовите на дипломатиите ќе се состанат, а в четврток и лидерите на членките на ЕУ и јас детално ќе ги информирам за денешните разговори. Косово и Србија мора да ги нормализираат односите, тоа не може веќе да се избегнува, договорот и анексот се во таа насока многу важни и ние ќе работиме напорно на таа реализација“, рече Борел.
На средбата присуствуваше и сецијалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, а набљудувач беше претставникот на САД Габриел Ескобар.