Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска денеска пристигнаа во Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во знак на единство, еден ден откако рускиот Владимир Путин беше домаќин на своите сојузници на парадата на Денот на победата на Црвениот плоштад. На самитот ќе се разговара за американскиот и европскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот во руската војна во Украина, а ако биде одбиен од Москва, тие заеднички ќе воведат нови санкции, изјави француски дипломатски извор, додавајќи дека одлуката сè уште не е финализирана.
Посетата на британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск е прва во која лидерите на четирите земји се заедно во Украина.
„Заедно со САД, ја повикуваме Русија да договори целосен и безусловен прекин на огнот од 30 дена за да создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, се вели во заедничката изјава на четворицата лидери.
Посетата следи во непредвидлив дипломатски момент во тригодишната војна на Русија против Украина. Американскиот претседател Доналд Трамп се залага за брз мир, откако ја раскина политиката на неговиот претходник Џо Бајден. По директниот ангажман со руските официјални лица, јавниот судир со Зеленски и накратко прекинувањето на виталната воена помош за Украина, администрацијата на Трамп ги закрпи односите со Киев и потпиша договор за минерални ресурси за кој напорно се преговараше. Имаше и опипливо менување на тонот од Трамп, кој сигнализираше зголемена фрустрација поради одолговлекувањето на Путин за прекинот на огнот и повторното истанување на руските барања за решавање на војната.
Трамп се закани дека ќе ги засили санкциите против Русија, но тој исто така рече дека би можел да се откаже од мировните напори ако нема напредок. Тој на 8 мај повика на 30-дневен прекин на огнот и Зеленски рече дека ќе биде подготвен веднаш да го спроведе. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Русија го поддржува спроведувањето на 30-дневниот прекин на огнот, но само со соодветно разгледување на „нијансите“.
Путин вчера беше домаќин на кинескиот претседател Шји Џинпинг и други лидери на воената парада на Црвениот плоштадпо повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, испраќајќи пркосна порака дека не е изолиран. Истиот ден, европските министри изразија поддршка за специјалниот трибунал за кривично гонење на рускиот претседател и неговите функционери за злосторства на агресија, покажувајќи поддршка за Зеленски кој завчера го прекори Путин за планирање „парада на бес и лаги“.