АКО МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ НЕ ВЕРУВА ВО ВАКЦИНА, НЕ МУ Е МЕСТОТО ВО ЗДРАВСТВО, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КОМИТЕТОТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА

    АКО МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ НЕ ВЕРУВА ВО ВАКЦИНА, НЕ МУ Е МЕСТОТО ВО ЗДРАВСТВО, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КОМИТЕТОТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА„За нас е поразително дека здравствени работници се промотори на невакцинирањето, верувајте, и професионално и етички е неисправно“, вели д-р Грозданова. (Фото: К. Попов)

    Претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова смета дека ако медицинско лице не верува во науката, нема потреба да биде дел од здравствениот систем, во однос на антиваксерската пропаганда на здравствените работници.

    Во земјава досега, вели таа, против ковид-19 се вакцинирани 75 отсто од здравствените работници се вакцинирани, а утре се очекува владината одлука, по предлогот на Комисијата за заразни болести, дали оваа вакцина ќе стане задолжителна за здравствениот сектор.

    Д-р Грозданова, која е и професорка на Фармацевтскиот факултет, на денешна трибина на невладина организација, рече дека како медицинско лице не може да ги сфати сѐ почестите дојави дека лекари земаат пари, ги истураат вакцините и им издаваат сертификати на пациентите, како да ја примиле дозата.

    „Задршката која медицинските лица ја имаат генерално за вакцинацијата е болна тема за нас медицинарите. Ние досега едуциравме 800 здравствени работници на оваа тема. За нас е поразително дека здравствени работници се промотори на невакцинирањето, верувајте, и професионално и етички е неисправно, поразително е што ја немаме комплетната поддршка од здравствените работници. Верувам дека има начин и механизми за тоа да се реши, има и други институции“, рече д-р Грозданова.

    Таа повтори дека ако едно лице прележало ковид-19 и има високо ниво на антитела, нема никаква здравствена последица да прими вакцина, како и дека и Светската здравствена организација (СЗО) препорачува дека вакцината треба да се прими најбрзо што може да може после оздравувањето.

    Според последните информации од Министерството за здравство, во петокот и саботата аплицирани се вкупно 5.611 дози вакцини, од кои 2.387 се аплицирани како прва доза, 1.163 се ревакцинирани, а 2.061 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 21 ноември вкупно се вакцинирани 822.751 граѓани, ревакцинирани се 789.905, а трета доза примиле 63.137 граѓани. 57% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58% , а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира