МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ГИ ПОВИКУВА НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ГИ ЛОВАТ ЛЕКАРИТЕ АНТИВАКСЕРИ НА ФЕЈСБУК

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ГИ ПОВИКУВА НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ГИ ЛОВАТ ЛЕКАРИТЕ АНТИВАКСЕРИ НА ФЕЈСБУКВо Лекарската комора има над 9.000 активни членови, но ниту еден не пријавил колега за ширење антиваксерска пропаганда. (Фото: К. Попов)

    Надлежните институции да постапат согласно законските регулативи за да се спречи ширење лажни вести по социјалните мрежи, вели Министерството за здравство за антиваксерските пропаганди и теории на заговор кои на социјалните мрежи ги шират медицински лица, дури и професори на Медицинскиот факултет, поткопувајќи го трудот на колегите во борбата против ковид-19, со што се загрозува и јавното здравје.

    Министерството за здравство и министерот за здравство Венко Филипче секојдневно апелираат на што поголем интерес за вакцинација против ковид-19, како единствен начин да се постигне колективен имунитет и да се стави крај на пандемијата.

    „Сите надлежни институции да постапат согласно законските регулативи за да се спречи ширење лажни вести по социјалните мрежи, со кои се доведуваат во заблуда граѓаните и се дезинформираат на штета на нивното здравје“, ни одговорија од кабинетот на Филипче на нашето прашање што ќе преземе Министерството за здравство против здравствени работници и професори на Медицински факултет, кои на социјалните мрежи шират антиваксерска пропаганда и теории на заговор против вакцинирање.

    На нашато прашање дали има невакцинирани министри во Владата,  од Министерството ни одговорија дека во „во Владата сите министри и заменици се вакцинирани, освен заменикот-министер во Министерството за одбрана, поради тоа што пред три месеци беше заразен со ковид-19“.

    Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Старделова-Гривчева вели дека во последните години употребата на социјалните мрежи често е неконтролирана и злоупотребена. Но, за жал, вели таа, Лекарската комора во своите надлежности нема ингеренции на контрола врз социјалните статуси на докторите во државата, а ги има повеќе од 9.000 активни членови.

    Против ковид-19 заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 473.657, од кои ревакцинирани се 305.804 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 760.961 дози вакцини.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира