Во исто време може да се примат вакцините против ковид-19 и сезонски грип, рече министерот за здравство Венко Филипче, откако денеска почна вакцинацијата против грип.
„Без разлика дали е прва, втора или трета доза на вакцина против ковид-19 може да се прими во исто време со другата вакцина, а ако има временска разлика нема никаква врска колкава е временската дистанца“, рече Филипче.
Годинава се набавени 40 илјади дози вакцини на сезонски грип, а денес се пуштени 4.300 термини во 18 пунктови низ земјава, и очекуваме, вели Филипче, за десетина дена да заврши имунизацијата.
Вакцинацијата против сезонски грип се одвива во центрите за јавно здравје во земјава и во делови од здравствените домови каде не се врши ковид имунизација.
Вакцината е бесплатна за следните ризични групи:
– Стари лица (над 65 години)
– Лица со хронични заболувања
– Здравствени работници
– Бремени жени
– Децата на возраст од 6 месеци до 5 години
За состојбата со ковид-19 во земјава, министерот го пренесе заклучокот од денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, дека не се препорачуваат нови рестриктивни мерки.
Филипче апелираше до граѓаните да се вакцинираат, и да не се собираат на семејни слави и собири кои се актуелни овој период.
Заклучно со 9 ноември против ковид-19 вкупно се вакцинирани 811.226 граѓани, ревакцинирани се 782.460, а трета доза примиле 48.087 граѓани.
Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 37% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА