На 9 септември (четврток) ќе се отвори пункт за вакцинација против ковид-19 на кампусот на Скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, со цел да се подигне свеста за имунизацијата кај лицата над 18 години, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Вакцинацијата ќе се врши со кадарот од Универзитетската амбуланта.
Според него, стапката на вакцинација кај лицата над 18 години е 44 проценти, а над 40 години е 53 проценти.
„Останува апелот да се вакцинираат децата од 12 до 18 години, со вакцината на ‘Фајзер’, но сега сакаме да ставиме акцент кај возрасната категорија над 18 години. Сега тие се незаштитени, вирусот се шири помеѓу нив, тие се медијатори и го шират во своите семејства. А важно е младите да се социјализираат, знаеме колку им се променија живототите. И за нив важи дека вакцинацијата е единствен начин да ни се нормализираат животите“, рече Филипче.
Oд 25 август досега починаа по едно лице на 21, 23, 24 години и 25 години, а најмладиот починат пациент досега е 15-годишната девојка од Тетовско, која почина на 1 септември.
Министерот додаде дека продолжуваат да паѓаат бројките на новозаболени од коронавирус, а показател за тоа се и намалувањето на амбулантски прегледи и хоспитализации, особено на Инфективната клиника во Скопје, каде од 120-140 на ден, се намалија на 90. Нема голем притисок ниту во Тетовската болница, каде сега лежат 90 пациенти наспроти деновите кога лежеа и 120.
Б. НЕСТОРОСКА