ОРТОПЕДИ ОД РЕГИОНОТ УЧАТ ФИНЕСИ ЗА ЕНДОПРОТЕТИКА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    ОРТОПЕДИ ОД РЕГИОНОТ УЧАТ ФИНЕСИ ЗА ЕНДОПРОТЕТИКА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“Докторите Циривири  и Несторовски велат дека колегите од регионот се заинтересирани за обуката поради одредени техники и финеси кои ги стекнале во нивното долгогодишно искуство и работа. (Фото: К. Попов)

    Специјалисти ортопеди, хирурзи од Хрватска, Србија, Црна Гора и од Косово изминативе четири години доаѓаат во Скопје на обука за ендопротетска замена на колено и колк, кај македонските лекари д-р Јасмин Циривири и д-р Зоран Несторовски од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“во Скопје. Двајцата реномирани доктори го водат регионалниот балкански едукативен центар на Одделението за ортопедија и трауматологија, за ендопротетска замена на колк и колено. Д-р Циривири е началник на Хируршките одделенија во болницата и професор на Медицинскиот факултет на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, а д-р Несторовски е раководител на Одделението за ортопедија.

    „Почнувајќи од 2018, нашето одделение го посетуваат ортопеди-хирурзи од Загреб, Осијек, Белград, Нови Сад, Ниш, Беране, Приштина како и медицински сестри-инструментарки. Ги едуцираме со најсовремени оперативни техники за ендопротетска замена на колено (тотална или уникондиларна протеза), колк (ревизиски операции) како и специфичностите на инструментариумот за одредени интервенции“, ни рече д-р Несторовски.

    Едукативната практика постои 4 години. Обуките биле стопирани поради ковид пандемијата и затворените граници, па после пауза од безмалку две години, најновата едукација е спроведена пред десетина дена.

    Директорот на „8 Септември“ д-р Христијан Костов вели дека експертизата и искуството на кадарот се дел од високите стандарди за едукација што може да се врши во врвна високостручна здравствена установа како што е болницата.

    „Според капацитетот, експертизата на кадарот, дијагностичката пракса и интервенции на повреди и болести, болницата ги задоволува строгите меѓународни стандарди за стручна едукација“, вели д-р Костов.

    „Важно е дека и во Македонија доаѓаат одредени специјалисти да се доедуцираат, а не само наши лекари да одат во странство“, одделението за ортопдеија во ГОБ „8 Септември“ – (Фото: К. Попов)

    „На последната обука за едукација за протези на колено дојдоа тројца колеги, еден од Клиничкиот центар од Белград и двајца колеги од Црна Гора, од Беране и од Бијело Поље. Престојуваа два дена кај нас, ние спремивме програма, имаше и теоретска презентација, колегите беа задоволни, асистираа на оперативните интервенции. Обуките траат по два дена. Тоа се доктори-специјалисти кои веќе ја работат оваа проблематика во нивните матични болници и за некои финализирања добиваат сертификат дека се едуцирани за имплантација на ендопротеза“, појаснува д-р Циривири.

    Д-р Несторовски потенцира дека овие интервенции се работат и во други установи во Македонија и во странство, дека тие не се пионери во областа, но колегите од регионот се заинтересирани за нивниот центар, поради одредени техники и финеси кои ги стекнале во нивното долгогодишно искуство и работа.

    „Важно е дека и во Македонија доаѓаат одредени специјалисти да се доедуцираат, а не само наши лекари да одат во странство. Тој тип на протези не ги работеа ниту во Србија ниту во Хрватска и затоа колегите доаѓаа тука. Ние ги следиме врвните достигнувања и современи трендови во ендопротетиката. Нашите достигнувања почнавме да ги презентираме пред 15-тина години на многубројни конгреси и симпозиуми во нашава и околните земји, така што со активно учество преку трудови и излагања станавме препознатливи по својот квалитет на работење. Сето тоа на почетокот резултираше со неофицијални посети на колеги од соседните земји, за пред 4 години ортопедското одделение да стане регионален центар за едукација на хирурзи од областа на ендопротетска замена на колено и колк“, велат Циривири и Несторовски.

    На пример, велат тие, колеги од Клиничкиот центар во Војводина, после завршената едукација во Скопје и со нивна помош, започнале со нова оперативна техника – уникондиларна протеза на колено. Двајцата доктори додаваат дека за два месеца одделението треба да го посетат хирурзи од Загреб коишто ќе се едуцираат за ендопротетска замена на рамен зглоб.

    На Одделението работат 14 специјалисти – ортопеди, високо едуцирани и обучени за изведување на примарни и ревизиски интервенции од своите области, како и тројца специјализанти.

    „Поделени сме по одредени регии, така што специфичните интервенции ги изведуваат хирурзи кои што претходно поминале одредени едукации, т. е.  имаат соодветно искуство од дадената проблематика. Одделението има сопствен оперативен блок и две операциони сали, а ги изведуваат сите примарни и ревизиони интервенции од областа на колк, колено и рамо, особено ендопротетски замени на истите зглобови, како и најсложените артроскопски интервенции од областа на колено, рамо и скочен зглоб. Се изведуваат сложени интервенции при повреди и дегенеративни заболувања на ‘рбетен столб, како и голем број остеосинтези при скелетен трауматизам“, вели д-р Несторовски.

    Д-р Циривири додава дека тие се и наставно-научна база за Универзитетот „Гоце Делчев“ и за специјализанти кои се тука на специјализација од областа на ортопедија и трауматологија.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира