ПРЕДЛОГОТ ЗА БОНУС ЗА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ Е НЕКОРЕКТЕН КОН ПЕДИЈАТРИТЕ, РЕАГИРА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПРИВАТНИ ЛЕКАРИ

    ПРЕДЛОГОТ ЗА БОНУС ЗА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ Е НЕКОРЕКТЕН КОН ПЕДИЈАТРИТЕ, РЕАГИРА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПРИВАТНИ ЛЕКАРИСите кои можеа се вакцинираа, примија вакцина, вели д-р Чолакова-Дервишова. (Фото: СДК.МК)

    Матичните лекари во земјава не се согласуваат со последниот предлог на Комисијата за заразни болести, да добијат по 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти запишани кај нив, откако ќе надминат 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти.

    Владата утре ќе го разгледува тој предлог, откако на седницата на 25 ноември не донесе одлука за предлогот на Комисијата за задолжителна вакцинација на здравствените работници и препорака за имунизација на јавниот и приватниот сектор и побара од Комисијата дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

    За матичните лекари е неприфатливо преку нив да се подига свеста за вакцинација против ковид-19. Повеќе приватни лекари го споделија со јавноста нивното искуство од досегашната пракса, а денес на прес-конференција реагираше и Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).

    „Предлогот не можеме да го прифатиме, колегите сметаат дека е некоректен и понижувачки. Тој не може да се реализира. Имаме многу педијатри, со пациенти до 5-годишна возраст, каде стимулација не може да се реализира. Сите кои можеа се вакцинираа, примија вакцина. Имаше пациенти кои по прва доза не се чувствувале добро, па одбиваат втора, има пациенти со автоимуни заболувања, онкогени пациенти, затоа сметаме дека предлогот не треба да помине на Влада“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.

    Матичен доктор од Велес кој имал искуство во обидот да ја подигне свеста за вакцинација, раскажува на какви проблеми наишол.

    „Им велев на пациентите кога сте се вакцинирале со една доза, примете ја и втората, зошто чекате. Или дека е потребно да се вакцинираат, заради себе и семејството. Во бројни случаи тие пациенти беа лути и во знак на револт се испишуваа од кај мене“,  вели матичен доктор од Велес.

    Министерот за здравство Венко Филипче смета дела мерката е еден вид бонус за подигнување на свеста за вакцинација против ковид-19.

    Филипче на денешната прес-конференција рече дека досега ниту еден од матичните лекари кој преку медиумите изразил несогласување со ова мерка, не му се јавил лично да му каже.

    Според последните информации од Министерството за здравство, до 27 ноември опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    П. ПЕЧКОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира