ВО ДОЈРАН СО 10.000 ГОСТИ БРЗАТА ПОМОШ РАБОТИ САМО ДО 8 НАВЕЧЕР

    ВО ДОЈРАН СО 10.000 ГОСТИ БРЗАТА ПОМОШ РАБОТИ САМО ДО 8 НАВЕЧЕРВо Стар Дојран, каде преку летото има постојано гужви и тоа најмногу преку викендите, има само една екипа за брза помош и тоа од лекар, сестра и возач на амбулантно возило, и тоа само во периодот од 8 до 20 часот. (Фото: СДК.МК)

    Туристичкиот центар Дојран после 20 часот нема возило за итна медицинска помош. Ако жителите и над 10 илјади гости кои летуваат во ова место имаат потреба за каква било итна здравствена услуга, ќе мора да повикаат брза помош од Гевгелија која е оддалечена 35 километри и да чекаат минимум 30-тина минути за да пристигне. Во Стар Дојран, каде преку летото има постојано гужви и тоа најмногу преку викендите, има само една екипа за брза помош и тоа од лекар, сестра и возач на амбулантно возило, и тоа само во периодот од 8 до 20 часот. Во останатите часови ќе мора да чека да дојде брзата помош од Гевгелија или пак со сопствен превоз пациентот да биде префрлен во околните градови и здравствени установи.

    Жителите и гостите сметаат дека во Дојран треба да има 24-часовна итна медицинска помош, бидејќи станува збор за туристичко место каде престојуваат илјадници туристи.

    Итната медицинска помош во Стар Дојран преку Гевгелиската болница ќе работи до 31 август, што значи дека од 1 септември за каква било итна здравствена услуга ќе се чека амбулантно возило од Гевгелија и преку денот. (Фото: СДК.МК)

    „Како не, сигурно дека треба да има. Што ако некому му се слоши на полноќ? Друго е ако има тука екипа и за 10-тина минути дојде, а друго е ако треба да чекаме половина час од Гевгелија и тоа ако тамошната екипа не е излезена на друг повик. Дојран заслужува да има 24-часовна итна медицинска помош и тоа со најмалку две екипи, едната да биде постојано во амбуланта, а другата да работи на повик“, вели Никола Стојановски од Скопје, кој одмара покрај дојранското крајбрежје.

    Стар Дојран нема ниту една приватна амбуланта која може да нуди здравствени услуги па макар и во приватна режија, па притисокот кон дежурната екипа што работи таму преку Гевгелискиот здравствен дом е уште поголем.

    Во Дојран во моментов престојуваат околу 10.000 гости од цела држава. (Фото: СДК.МК)

    За ова се свесни и во Гевгелиската болница, од каде велат дека не се во можност да испорачаат 24-часовна здравствена услуга во Дојран, бидејќи немаат доволно кадар и опрема и во услови на пандемија. Директорот на болницата д-р Димитар Крџев ни изјави дека сепак успеваат да одговорат на барањата за каква било здравствена услуга во ова туристичко место.

    „Тоа ни се можностите. Во Стар Дојран имаме екипа која работи по 12 часа. Составена е од лекар, медицинска сестра и возач на возилото за брза помош. Не сме во можност да пружиме 24-часовна услуга, бидејќи мораме да имаме дежурни екипи и овде во Гевгелија за да го покриваат Гевгелискиот но и регионот во Богданци. Најголем притисок се чуствува за време на викендите, кога амбулантата во Дојран е оптоварена, што не може да се каже и во работните денови. Но кога добиваме повик преку ноќта, наша екипа овде од Гевгелија се упатува за Дојран“, вели д-р Крџев, кој тврди дека сиот персонал во оваа служба е со зголемен фонд на работни часови поради дисперзирањето на една екипа што дежура во Дојран.

    Општинските власти планираат до Министерството за здравство да упатат барање за работа на амбулантата и во септември, бидејќи очекуваат продолжена туристичка сезона поради ваучерите што ги даде државата, па добар дел од сместувачките капацитети се резервирани и следниот месец; – Отворени се нови плажи за да се избегне групирање и заштита од ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Итната медицинска помош во Стар Дојран преку Гевгелиската болница ќе работи до 31 август, што значи дека од 1 септември за каква било итна здравствена услуга ќе се чека амбулантно возило од Гевгелија и преку денот.

    Општинските власти планираат до Министерството за здравство да упатат барање за работа на амбулантата и во септември, бидејќи очекуваат продолжена туристичка сезона поради ваучерите што ги даде државата, па добар дел од сместувачките капацитети се резервирани и следниот месец.

    „Ова е стар проблем кој се обидуваме да го решиме бидејќи овде функционира само една приватна амбуланта и тоа во Нов Дојран, која ги покрива и населените места, додека во Стар Дојран нема. Се надеваме дека државата ќе најде решение во врска со контуинирана 24-часовна покриенот со здравствени услуги, посебно во време на туристичката сезона“, одговорија од Општината на прашањето дали се бара решение за овој проблем.

    Поради пандемијата со коронавирусот, општинските власти преку комуналните редари контуинирано на терен на гостите им делат флаери и укажуваат за носење заштитни маски и држење физичка дистанца за да се спречи ширењето. (Фото: СДК.МК)

    Во Дојран во моментов престојуваат околу 10.000 гости од цела држава. Најголемиот дел се преку ваучерите „Дома си е дома“ и тоа во приватните сместувачки капацитети кои се пријавија да издаваат соби преку овој систем. Ценоте се движат од 20 до 40 евра за четирикреветно студио или апартман од ноќ, или од 300 до 600 денари за легло.

    Најголемите гужви во Дојран се преку викендите, кога дополнително илјадници граѓани од Југоисточна Македонија се упатуваат на еднодневни прошетки покрај дојранското крајбрежје. Поради пандемијата со коронавирусот, општинските власти преку комуналните редари контуинирано на терен на гостите им делат флаери и укажуваат за носење заштитни маски и држење физичка дистанца за да се спречи ширењето на ковид-19. Инаку, во Дојран досега се регистрирани 7 ковид позитивни случаи.

    Општината, за да го намали притисокот на градската плажа, отвори нови плажи кон грчката граница за да посетителите да не се групираат на едно место. Паралелно беше активирана плажата кај населеното место Николиќ и уредена плажата „Св. Никола“ меѓу Нов и Стар Дојран.

    В. ТРАЈКОВ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира